Линкови за пристапност

На бегалците од УБК ќе им се суди на 1-ви декември


Двајцата поранешни функционери на УБК беа спроведени со полициска придружба во солунскиот суд. Во судницата преполна со мигранти неколку часа се чекаше на преведувач на македонски јазик за на крајот судот да го презакаже стартот на процесот каде им се суди за фалсификувани пасоши

СОЛУН - Двајцата поранешни високи функционери на УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски , кои се бараа со меѓународна потерница од Интерпол остануваат во притвор во Солун, се додека не им се изрече пресуда за користењето на фалсификувани патни исправи или не биде одобрена нивната екстрадиција во Македонија.

Денеска, по втор пат беше одложено судењето поради истата причина - немање на официјален преведувач на македонски јазик. Грујевски и Бошковски се обвинети дека се обиделе да ја напуштат Грција со фалсификувани бугарски пасоши. Грујевски го користел идентитетот Христо Атанасов, а Бошковски Неџби Хасан.

Тие беа уапсени минатата среда на солунскиот аеродром. Која била нивната следна дестинација каде планирале да се засолнат засега останува тајна.

Во меѓувреме скопскиот Кривичен суд ја подготвува документацијата за екстрадиција на Грујевски и Бошковски.

„Барањето преку Апелациониот суд е доставен во Основниот суд. Дадено е во работа на Кривичен совет од одделението за организиран криминал кое постапува по истото и по донесена одлука јавноста ќе биде навремено информирана, соопштија од судот.

Според законот за меѓународна соработка во кривична материја, во документацијата што треба биде испратена, освен барањето за екстрадиција треба да има обвиненија, решенијата за притвор, наредбата за истрага, опис на кривичното дело за кое се гонат, но и докази како поткрепа за основано сомнение.

Судот, по комплетирање на документацијата, ќе ја достави во министерството за правда која заедно со барањето за екстрадиција ќе ја предаде на грчките колеги. Дури тогаш надлежниот суд во Солун ќе може да одлучува по барањето.

Експертската јавност е поделена околу времетрањето на овој процес кој може да трае и со месеци.

Грујевски и Бошковски се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), покажа и докажа дека тие биле дел од масовното нелегално прислушување на граѓаните, кои со години го вршела Петтата управа на УБК, со која тие раководеле. Исто така, двајцата учествувале и во уништување на опремата, за да се сокријат трагите од нелегалното прислушување.

Истражен судија од Скопскиот кривичен суд, во јули, им определи 30 дена притвор, но, тие останаа на слобода и поднесоа жалба до Врховен суд. Ова беше преседан во македонското правосудство бидејќи досега ниту едно лице на кое му бил определен притвор не добило можност да ја чека одлуката на Врховен суд на слобода. На 18-ти јули, Врховниот суд ја одби жалбата, а наредбата за нивно приведување беше добиена на 26-ти јули, кога тие веќе беа во бегство.

Кога и како ја напуштиле Македонија и дали имале помош за бегството допрва треба да се открие.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG