Политичката мапа на Македонија по шестите локални избори е изменета. ВМРО-ДПМНЕ доживеа убедлив пораз и загуби голем број на општини кои ги раководеа градоначалници од оваа партија. СДСМ прогласи победа во 40 општини уште во првиот круг. Во албанскиот блок ДУИ е победник.
Токму затоа и атмосферата во штабовите на двете најголеми политички партии беше дијаметрално спротивна. Во СДСМ почна славењето неколку часа по затворањето на гласачките места додека штабот во ВМРО-ДПМНЕ беше речиси празен.
Првичните резултати од Државната изборна комисија (ДИК), којашто има обработено околу 50 отсто од гласовите, покажуваат дека СДСМ води во во 43 општини, ВМРО-ДПМНЕ во 15, а ДУИ во 9. Во Скопје веќе е потврдена победата на СДСМ во Центар и Карпош, а кандидатите на оваа партија водат во сите други општини освен во Гази Баба. Шилегов има предност пред Трајановски, но се` уште е отворена можноста да има втор круг на гласање.
Од поголемите градови официјално СДСМ во првиот круг победи во Битола, Велес, Неготино, Гевгелија, Охрид, Куманово и Струмица, а ДУИ во Кичево.
Од бината поставена пред Владата на РМ, лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, прогласи победа во 37 општини во првиот круг. Во своето обраќање тој им се заблагодари на граѓаните за укажаната доверба.
„Дочекавме слобода. Преку слободно изразена волја ги заокруживме промените, народот даде поддршка за концептот едно општество за сите, за раст и развој на Република Македонија. Ерата на локални шерифи заврши, обврската е поголема, но во Македонија ќе има живот за сите. Сега повеќе нема изговори“, изјави Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, и` се обрати на јавноста околу 23.30 часот. Во својот говор тој го призна поразот, обвини за притисоци и нерегуларности, но не најави дали ќе поднесе оставка.
„Во предизборието имаше физички пресметки, убиства, закани и притисоци. Се креираше атмосфера на страв и заплашувања, а полицијата беше главен заштитник на овие активности и беше ставена во партиска функција. Изборите не се завршени и ќе поднесеме претставки. Јас како претседател имам највисока одговорност за изборните резултати. За наредните правци на делување ќе се дискутура по завршувањето на изборите“, рече Груевски.
Прес-конференција одржа и реформското крило ВМРО-ДПМНЕ чии претставници побараа Груевски веднаш да си замине од лидерското место во партијата.
Од ДИК соопштија дека локалните избори биле демократски, фер и без инциденти а партиите го испочитувале кодексот. Слична беше и оценката на МВР.
„Изборниот ден помина мирно без сериозни нарушување на јавниот ред и мир. Досега примени се 46 пријави по разни основи. Во полициската статистика евидентирани се 44 прекини на гласање, на одделни избирачки места, каде што после консултации и краток застој, гласањето е продолжено. Приведени се десет луѓе за фотографирање на ливче, едно за неовластено снимање, три лица за давање поткуп и двајца луѓе затоа што гласале за друг“, вели Спасовски.
За разлика од паралментарните избори кои се одржаа минатата година, одзивот на гласачите е послаб. ДИК ќе ги соопшти официјалните резултати во текот на денешниот ден.
На шестите по ред локални избори граѓаните избираа градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Се гласаше на 3.480 избирачки места, а право на глас имаа 1.814.644 избирачи, кои може да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати на 372 листи за членови на совети.
Вториот круг на избори ќе се одржи на 29-ти октомври.
Facebook Forum