На шестите по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија, право на глас имаат околу 1,8 милиони граѓани кои ќе избираат нова локална власт во 80 општини и градот Скопје. Тие ќе бираат од предложените 260 кандидати за градоначалници и 372 листи за општински советници. Во трката по градоначалничко или советничко место учествуваат кандидати од 19 партии и коалиции, а 64 независни кандидати се предложени од групи избирачи.
Според Државната изборна комисија (ДИК), Цивил и МОСТ, изборниот процес засега тече непречено и без проблеми.
„Сите гласачки места на кои Граѓанската асоцијација МОСТ има набљудувачи се отворени. Доцнење е забележано на шест избирачки места, а на пет избирачки места набљудувачите на МОСТ регистрирале помали нерегуларности“, соопшти МОСТ на прес-конференција.
Граѓанското здружение Цивил оцени дека изборниот ден почнал мирно со помали технички нерегуларности.
Од ДИК, на првата прес-конференција денеска, соопштија дека одзивот на гласачите до 10 часот е околу 9 отсто.
„Според информациите кои ни` се доставени од општинските изборни комисии вкупната излезеност на граѓаните до 10 часот е 8,98 отсто“, изјави Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК.
Најголем одзив на гласачи засега е регистриран во Демир Капија каде 19 отсто од граѓаните запишани во избирачкиот список го оствариле своето право на глас.
За да биде избран градоначалник во првиот круг на гласање, треба да излезат третина од запишаните гласачи во општината, а половина од нив да гласаат за еден кандидат. Ако во првиот круг на гласање ни еден кандидат не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. За градоначалник ќе биде избран кандидатот кој добил поголем број гласови во вториот круг кој е закажан за две недели, на 29-ти октомври.
Локалните избори ги следат 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. Акредитации се издадени и на 294 преведувачи и шест странски новинари.
Facebook Forum