Линкови за пристапност

Изборен молк пред утрешните локални избори


Денеска гласаа осудениците, раселените и изнемоштени лица. Во затворот Идризово неколку стотини осуденици не биле запишани на избирачкиот список и не го оствариле своето право на глас

Ден пред локалните избори, Државната изборната комисија (ДИК), во 7 часот наутро ги отвори тринаесетте гласачки места во Казнено поправните установи, каде право на глас имаат 1.882 осуденици. Гласачкото право денеска го искористија и болните и изнемоштени лица како и оние кои се наоѓаат во домашен притвор, кои според ДИК се околу пет илјади, заедно со девет внатрешно раселени лица. Изборниот процес минал мирно и без регистрирани инциденти.

Сепак проблеми имало во најголемиот затвор во државата „Идризово“, каде неколку стотини осуденици не гласале бидејќи не биле запишани на избирачкиот список.

„Речиси половина немаат исправи, ги нема во избирачкиот список. Од 1.810 затвореници, само 955 се запишани. До 17 часот на гласање излегле 450, а 270 од нив биле вратени.

"Изразуваме загриженост и повик до надлежните ова да им биде приоритетна работа за надминување, уште утре да испратат мобилна екипа, да ги сликаат луѓето и да можат да гласаат“, изјави Зоран Билбиловски од канцеларијата на Народниот правобранител.

Од друга страна пак, директорот на затворот, Јовица Стојановиќ, смирува и тврди дека бројката на осуденици кои ги нема во списокот е далеку помала.

„Во избирачкиот список нема околу една третина од затворениците. Наредната недела ќе извршиме увид во списокот за да го решиме овој проблем. Најголемиот проблем се прави поради протокот на затвореници, бидејќи едни излегуваат, а други влегуваат, но има и такви кои се осудени подолг период, а ги нема во избирачкиот список“, вели Стојановиќ.

Од ДИК соопштија дека за ова дознале од медиумите и дека допрва ќе испитуваат како неколку стотни осуденици биле изоставени.

„Немаме официјално известување, ниту се пријавени нерегуларности од денешното гласање на затворениците од Идризово. Оваа информација ја дознавме од медиумите и е во процес на проверка. Од нашето досегашно искуство, со затворениците има проблем со гласањето, односно не можат да го остварат правото, бидејќи немаат уредни лични документи или пак ги нема на избирачкиот список затоа што се затворени откако списокот бил завршен“, изјави Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК.

На шестите по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија, во избирачкиот список се запишани 1.814.644 граѓани од кои 77.000 се на привремена работа или престој во странство. Граѓаните ќе може да го остварат своето право на глас на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Гласањето почнува утре во седум часот изутрина, а како и на сите избори ќе трае се до 19 часот. Во трката по градоначалничко или советничко место учествуваат кандидати од 19 партии и коалиции, а 64 независни кандидати предложени од групи избирачи.

За следење на локалните избори акредитирани се 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи, 294 преведувачи и 6 новинари од Косово, Унгарија и Русија.

Граѓанската асоцијација МОСТ изборите ќе ги следи со над 2.500 набљудувачи и 120 мобилни екипи. Дополнителни 81 набљудувач ќе ја следат работата на општинските изборни комисии, на комисијата на Град Скопје и работата на ДИК.

„Статичните набљудувачи ќе покријат околу 50 отсто од гласачките места и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање од отворање на гласачките места, преку текот на гласањето, затворање на гласачките места, па се` до пребројување на гласовите“, вели Дарко Алексов, претседател на МОСТ.

На ден пред почетокот на гласањето, сите надлежни институции и инволвирани страни апелираа тие да бидат мирни, фер и демократски. Претседателот на ДИК Александар Чичаковски, потенцираше дека овие избори се многу важни за иднината на Македонија а Народниот правобранител Изет Меџити ги повика граѓаните да гласат мирно и достоинствено и да ги пријават сите нерегуларности доколку ги забележат.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29-ти октомври. Кампањата за вториот круг завршува на 27-ми октомври во 24 часот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG