Трајановски, кој е во трка за третиот мандат по ред, ја побара поддршката на жителите на главниот град, ветувајќи низа нови проекти и најавувајќи дека Скопје ќе стане град на соживот. Тој нагласи дека е уверен во победата бидејќи резултатите кои ги покажал се доказ за неговата посветеност.
„Легнувам и се будам со проблемите кои се реалност и со решенијата кои ги правиме за градот каде се родив, каде израснав, се школував, се вработив, создавав и оформив семејство. Скопје е наш град, отворен за сите. Град на мирот, град на солидарноста. Јас не сум човек кој многу говори, јас сум човек кој сака, умее и знае да работи, кој посветено работи. Делата се оние кои зборуваат за човекот, кои се тука, се гледаат и чувствуваат. Работа наместо зборови. На Скопје му треба домаќин човек и тука сум да работам за секој еден граѓанин на Град Скопје“, порача Трајановски.
Тој истакна дека градот го очекува новата ера на зелено Скопје, со нови булевари, паркови, детски катчиња, модерни училишта, спортски терени и сали и потенцираше дека во неговата програма има проекти за сите скопски општини.
Во своето обраќање посебно го истакна обновувањето на уништеното зеленило, со изградба на нови паркови и садење дрвја во секоја општина. Трајановски најмногу се задржа на инфраструктурата на градот ветувајќи нови и проширени булевари, нови водоводни и канализациски системи во местата каде тој проблем постои со години.
„Со моите проекти Скопје ќе се вброи во технолошко развиени и паметни градови. Скопје е, и ќе биде град на среќни и насмеани луѓе. Скопје ќе биде пример за еколошки град, град на практичните и подобрени решенија. Тоа е мојот сон, за нашето Скопје кој верувам дека ќе го остварам. Водењето на градот е тимска работа, затоа е потребно да гласате и да ги поддржите кандидатите за градоначалници од коалицијата „За подобра Македонија“ во скопските општини“, рече Трајановски.
По него на говорницата застана лидерот на партијата Никола Груевски, кој најави сигурна победа на 15-ти октомври, датум кој ќе биде старт на „новата ера“ којашто ја најавува ВМРО-ДПМНЕ.
“Вие веќе го претворивте 15-ти октомври во победа. Овој наш собир на храбрите, одлучните и посветените луѓе кои ги здружуваат силите за да ја кажат громогласно волјата на македонските граѓани на 15-ти октомври. Тоа е денот кога ќе се одлучи нашите градови да добијат помодерен изглед, нашите луѓе да бидат посреќни и побезбедни. 15-ти октомври е името на новата ера, новата љубов, новата возбуда и новата победа“, рече Груевски.
Во својот говор тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ и Владата која ја предводеше, направила револуција со градење нови патишта, реализација на проекти, отворање болници, училишта, фабрики, со борба за нови инвестици и со отварање на нови работни места.
Груевски се обрати и до политичките опоненти критикувајќи ги дека водат деструктивен курс на штета на сите граѓани, но и негативна кампања во предизборието.
На завршниот митинг не присуствуваа пораншените високи функционери на партијата Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, против кои СЈО води истраги и поднесе обвинителни акти.
Вечерва на полноќ почнува изборниот молк. Локалните избори ќе се одржат во недела.
Facebook Forum