Сцена што се повторува секој вторник и петок во пунктот на Црвениот крст во Скопје: отворање на вратите за потребите на бездомниците. Тие денови луѓето без покрив над глава во главниот град имаат можност, освен храна, да добијат и услови за елементарна хигиена, облека, совет од лекар...
Дел од луѓето што доаѓаат тука велат дека се благодарни за помошта што ја добиваат. „Храната е супер, но тешко е за спиење, спијам на улица, немаме каде да живееме“ – се само дел од приказните на бездомниците кои не секогаш се расположени да зборуваат пред камерите. Проценките на Црвениот крст се дека во Скопје има околу 180 вакви лица, а редовно во пунктот во Момин Поток доаѓаат околу 50-тина.
„На територијата на Скопје функционира пунктот за бездомници веќе 8 години. Ваква институција е потребна во градот поради тоа што оваа група маргинализирани лица, кои од различни причини се бездомни, се наоѓаат во ситуација на голем ризик и сите социјални сервиси кои овој пункт им ги нуди се наменети за подобрување на условите за живот“, вали Сузана Тунева Пауновска, секретар на пунктот.
Во изминатите години, како што велат од Црвениот крст, се развила свеста кај граѓаните за потребите на бездомниците и затоа се зголемуваат донациите на храна, облека, лекови...
Пунктот е подготвен да прифати дополнителни 20 лица во зимските месеци. На располагање се вкупно 40 кревети. Се преземаат и мерки за ресоцијализација на овие лица. Десетина бездомници, во осумте години колку што постои Пунктот, се вработени и се грижат сами за себе.
Оние кои се уште талкаат по скопските улици се надеваат дека претстојната зима нема да биде толку студена како ланската.
Facebook Forum