Кој ќе победи во Скопје победил на локалните или парламентарните изборите. Ова е непишаното правило според кое се водат политички партии од македонскиот блок но и политичките аналитичари при соопштувањето или толкувањето на изборните резултати. И во Македонија, како и во развиените демократии, најбитно е да се освои главниот град, бидејќи кој го контролира бизнис и политичкиот центар на државата ја контролира и државата.
Во последните десетина години Скопје беше „вмровски“ град ако се суди по бројот на општини кои ги водеа градоначалниците од оваа партија, иако СДСМ редовно добиваа голем број на гласови во градските општини. Во 2009 година сите скопски општини освен Чаир, беа под контрола на ВМРО – ДПМНЕ а во битката за градски татко Коце Трајановски буквално го збриша противкандидатот на СДСМ Тито Петковски со речиси 60 илјади гласови разлика. Наредните избори, во 2013 година, сликата беше иста. ВМРО – ДПМНЕ ја изгуби општината Центар главно поради незадоволството на жителите од проектот „Скопје 2014 година“ а Трајановски освои рекордни 124 илјади гласа и го победи противкандидатот Јани Макрадули со безмалку 50 илјади разлика.
По речиси една деценија Скопје конечно го очекуваат тесни и незивесни избори. Сите анкети, покажуваат дека скопјани ќе го добијат својот градоначалник во вториот круг. Според акнетата на телевизијата „Телма“ и невладината МЦМС кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, е во предност пред актуелниот градоначалник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Коце Трајановски но ниту блиску за евентуална победа уште во првиот круг.Телефонската анкета која ја спроведе„М Проспект“ на 1.513 испитаници во периодот од 23 септември до 2 октомври покажа дека за кандидатот Петре Шилегов се изјасниле 37,1 отсто од испитаниците, додека за Коце Трајановски 34,6 отсто. Разликата меѓу главните фаворити во моментов е 2,5 отсто. Останатите шест кандидати за градоначалник заедно имаат поддршка вкупно од 5,8 отсто. Интересно е тоа што 22,5 отсто од испитаниците одговориле дека или се уште не знаат за кого би гласале, не одговориле или се изјасниле дека не би гласале за ниту еден од кандидатите со што останува отворена вратата за евентуален пресврт или запечатување на резултатот од првиот круг.
Победникот во Скопје можно е да го одлучат и албанските партии.ДУИ јавно ги повика своите членови и симпатизери да го поддржат Шилегов а се шпекулира дека истото ќе го стори и БЕСА во корист на ВМРО – ДПМНЕ но не јавно како нивните опоненти од Мала Речица.
Анкетата покажува дека Албанците го преферираат Шилегов за градски татко бидејќи 58,6 отсто би гласале за него а само 4,8 отсто за Трајановски. 22,3 отсто од испитаниците Албанци би гласале за некој друг кандидат.
Гледано по општини победата на СДСМ е повеќе од извесна во општините Карпош и Центар. Во Центар се прогнозира кандидатот на владејачката партија, Саша Богдановиќ, дека ќе победи уште во првиот круг. ВМРО - ДПМНЕ сигурна и убедлива победа уште во првиот круг има во Гази Баба а во водство е во општината Кисела Вода. Во Аеродром и Ѓорче Петров резулататот меѓу овие две партии е изедначен и се води битка за речиси секој глас. Во Чаир пак во вториот круг ќе се борат кандидатите на ДУИ и БЕСА и тука можно е да одлучат гласовите од македонскиот електорат.
Сепак од „Телма“ и МЦМС се оградуваат од детални и прецизни резултати за овие општини бидејќи статистичката грешка е поголема од 6 отсто.
Според анкетата на институтот „Димитрија Чуповски“ кој важи за близок до опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Трајановски има убедливо водство против Шилегов, а кандидатите на оваа партија водат во сите општини освен во Центар и Карпош.
Јавно објавените анкети и интерните мерења на рејтинзите покажуваат дека ВМРО – ДПМНЕ ќе загуби најмалку уште две општини во Скопје, и ќе биде поразен на изборите во главниот град, но од друга страна нивниот кандидат Коце Трајановски ќе остане во игра да последен момент и ќе се бори за градоначалничката фотеља .
Facebook Forum