Град на граѓаните, многу повеќе зеленило, нови сообраќајници, подобро поврзани општини, неизбежната гасификација и чист воздух, беа поентите во говорот на кандидатот за градоначалник Шилегов, кој вети дека во својот мандат Скопје ќе го направи европски град.
Тој во своето обраќање побара од жителите на главниот град да му ја дадат довербата за да може да се справи со, како што кажа, урбаната мафија и хаосот кој го оставил зад него досегашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски.
„ВМРО-ДПМНЕ од Скопје направи свој вилает, направија што сакаа, поставуваа споменици среде ноќ како најголеми криминалци и сечеа дрвја на полноќ штитени од полиција, менуваа урбанистички планови во три наутро. Време е да и` дадеме црвен картон на урбаната мафија на Груевски која од Скопје направи град од стиропор“, рече Шилегов.
Тој додаде дека Скопје ќе стане отворен и услужен град, вети растоварување на сообраќајниот метеж со комбиниран јавен градски превоз и најави укинување на кинеските автобуси, купени од претходната политичка гарнитура. Изгубеното зеленило во Скопје нема да се надоместува со палми, туку со дрвја. Шилегов вети дека ќе го запре уништувањето на Водно кое повторно ќе стане рекреативен центар.
„Овде сакам да ја промовирам најновата мерка, којашто свесно не ја запишав во програмата. На скопјани ќе им овозможиме да си засадат дрво за секое новородено дете. Секој скопјанин, секој граѓанин на Скопје да има сопствено дрво на иднината, коешто ќе го негува. Тој што не може да го разбере дрвото, не може да ја разбере иднината. Овде се нашите корени, овде е нашето стебло, овде е нашата крошна, нашата убавина, пред која што јас стојам вечерва“, рече овој кандидат.
По него се обрати лидерот на партијата и премиер Зоран Заев, кој вети дека нема да ја изневери довербата на граѓаните и истовремено ја побара нивната поддршка на изборите.
„Денеска ја барам поддршката заедно да ја ослободиме Македонија од остатоците од режимот, да дојде подобар живот во секое село, секој град. Се здруживме со граѓанските организации и со 22 политички партии, и од вас бараме поддршка да изградиме слободни, услужни и развиени општини, кои ќе работат и ќе ги поврзуваат граѓаните и кои ќе ги враќаат парите, назад кон граѓаните“, рече Заев.
Тој ги претстави кандидатите за градоначалници за кои рече дека гарантира и дека стои зад нив, бидејќи е убеден дека тие ќе работат во корист на граѓаните. Владата финансиски ќе ги поддржува локалните власти со што ќе се отворат нови работни места и ќе се спречи одливот на мозоци. Како заеднички приоритет за сите градоначалници најави дека ќе биде чистиот воздух и чистата вода за пиење, а воедно нагласи дека Владата ќе продолжи да работи домаќински и на тој начин ќе докажат дека во Македонија може да има реална промена.
„Градиме општини кои ќе работат за вас. Општини што ќе поврзуваат. Градиме општество за сите. За граѓаните подеднакво, во нашата заедничка Македонија. Кога велам општини кои работат за вас, подразбирам тие да бидат места за живеење по ваша мерка“, потенцираше тој.
Заев најави Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО Алијансата, која ќе седи на иста маса со сојузниците и ќе носи заеднички одлуки за иднината на Македонија, за Европа, и за безбедноста на целиот регион.
Во своето обраќање не го изостави и својот политички опонент Никола Груевски, кому му упати неколку пораки и го предупреди дека ќе претрпе сериозен пораз на претстојните избори.
Она што можеше да се забележи е големиот број на автобуси со кои членови, активисти и симпатизери на партијата од внатрешноста на државата дојдоа во Скопје да го проследат обраќањето на лидерот и премиер Зоран Заев поради што центарот на градот беше блокиран.
Локалните избори ќе се одржат во недела на 15-ти октомври.
Facebook Forum