САД ја информираа кубанската влада дека е донесена наредба за повлекување на 15 дипломати од амбасадата на Куба во Вашингтон.
Од Стејт департментот велат дека овие лица имаат рок од седум дена да ја напуштат земјата.
Наредбата уследи за помалку од една недела откако Стејт департментот објави дека ќе го повлече целиот незадолжителен дипломатски персонал од Куба како реакција на „нападите по здравјето“ на 22-ца американски дипломати во Хавана.
Во соопштение објавено во вторник државниот секретар Рекс Тилерсон ја објасни одлуката за протерување:
„Одлуката е донесена заради неуспехот на Куба да преземе соодветни чекори за заштита на нашите дипломати согласно нејзините обврски превземени со Конвенцијата од Виена“, кажа Тилерсон. „Оваа наредба ќе обезбеди реципротитет во нашите дипломатски операции“.
Тилерсон кажа дека САД ќе продолжат да одржуваат дипломатски односи со Куба и дека и натаму ќе соработуваат со оваа земја во истрагата по нападите.
Влошувањето на американско-кубанските врски доаѓа откако поранешниот претседател Барак Обама во 2015-та година, пo 50-годишна пауза ги обнови дипломатските релации со Куба.
Во текот на изминатите неколку месеци американскиот персонал во Куба пријави различни симптоми, вклучувајќи губење на слухот, вртоглавица, когнитивни проблеми и проблеми со спиењето. Државниот секретар Тилерсон изјави дека истражителите не ја утврдиле причината за тие здравствени проблеми или за можните сторители.
Досега САД официјално не ја обвинија Куба дека стои зад нападите, но Стејт департментот во мај протера двајцата кубански дипломати откако првпат беа обелоденети информации за инцидентите, велејќи дека Куба не успеала да ја заштити безбедноста на американските дипломати на кубанска почва.
Куба негира вмешаност во нападите и кажа дека соработува со истражителите од САД.
Facebook Forum