Денеска почнува кампањата за шестите по ред локални избори кои ќе се одржат на 15 октомври. Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а ќе се борат и 64 независни кандидати. Гласањето ќе се спроведе на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Партиските каравани во наредните дваесетина дена ќе ја обиколкуваат низ државата обидувајќи се да ја добијат довербата на гласачите и да издејствуваат резултат во своја корист.
Еден ден пред почетокот на кампањата, кандидатите за градоначалници потпишаа кодекс за фер и демократски избори со кој се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок врз вработените во јавната и државната администрација како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
„Со овој кодекс учесниците на Локалните избори се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, но и на сите граѓани на Република Македонија дека ќе се придржуваат и активно ќе ги промовираат принципите на слободни и фер избори“, изјави Даниела Бочварска од ДИК на Град Скопје.
Во Скопје, кодексот го потпишаа двајцата кандидати со најголеми шанси за победа Петре Шилегов од СДСМ и досегашниот градски татко, Коце Трајановски.
„На останатите кандидати не им посакувам среќа на престојните избори, бидејќи најискрено се надевам дека граѓаните ќе одлучат да направат промена и она што му се случуваше на Скопје и на останатите општини повеќе никогаш нема да се повтори“, рече Шилегов.
Трајановски пак, им посака успех на останатите кандидати за градоначалник на Град Скопје и водругите општини и повика на фер и демократски избори.
„Со оглед на тоа како стартуваше новата влада ќе треба многу да направи за овие избори да бидат фер и слободни“, рече Трајановски.
Клучната борба меѓу владеачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе биде за главниот град и таа ќе одлучи кој е севкупен победник на изборите. Во моментов ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ги држат градоначалничките функции во речиси сите општини освен Центар.
Интересно е што токму преку Скопје се гледа премолчаниот договор за соработка и поддршка меѓу СДСМ и ДУИ. СДСМ нема кандидат за градоначалник во Чаир и во Тетово, а ДУИ пак не кандидира никого за градоначалник на Скопје.
Премиерот Зоран Заев даде отворена поддршка на кандидатот на ДУИ за градоначалник на скопската општина Чаир и најави поддршка за кандидатите од оваа партија „каде што тие веќе испорачале добри резултати во претходните мандати, или имаат квалитет да го направат тоа по добивањето на градоначалничката функција“.
Засега нема никакви информации или најави за евентуална поддршка и соработка меѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА.
Владеачката СДСМ тргнува од Битола каде вечерва ќе го одржи првиот митинг на кој ќе биде преставен кандидатот за градоначалник, Наташа Петровска, но ќе бидат присутни и повеќето други кандидати од оваа партија.
ВМРО-ДПМНЕ, традиционално уште од осамостојувањето на Македонија, ќе ја почне кампањата со митинг во Охрид. Од партијата најавија дека очекуваат победа на изборите и доколку тоа се оствари притисок за предвремени парламентарни избори.
„По победата на локалните избори, логично е ВМРО-ДПМНЕ да бара и да добие предвремени парламентарни избори и да започне една нова ера во Македонија, да се стави прекин на ова помрачување што ѝ се случи на државата со доаѓањето на СДСМ “, изјави лидерот Никола Груевски.
Facebook Forum