Претседателот на САД Доналд Трамп, денеска изјави дека донел одлука дали ги повлече САД од Меѓународниот договор за запирање на развојот на нуклеарно оружје во Иран, склучен во 2015-та година.
Трамп одби да каже каква е неговата одлука, но несогласувањето на САД со Иран беше во центарот на вниманието на Генералното собрание на Обединетите нации, еден ден откако тој го осуди Техеран како „економски осиромашена непријателска држава чиј главен извоз е насилството, крвопролевањето и хаосот“.
Иранскиот претседател Хасан Рохани, во својот говор во средата, изјави дека Техеран не ги толерира заканите од никого, вклучително и оние од Трамп. Рохани ги нарекол „грди и неуки зборови“.
Алудирајќи на претседателот на САД, Рохани рече дека „уништувањето“ на нуклеарниот договор „од непринципиелни новодојденци во светот на политиката“, нема да го попречи иранскиот напредок.
„Со кршење на меѓународните обврски, новата американска администрација само го уништува сопствениот кредибилитет за идни преговори“, рече Рохани.
Трамп неделава сигнализираше дека може да ги извлече САД од пактот, посредуван од поранешниот американски претседател Барак Обама и пет други светски сили - Кина, Русија, Велика Британија, Франција и Германија, нарекувајќи го „срам за САД“.
Во својот прв говор пред Генералното собрание, американскиот лидер истакна: „Не можеме да дозволиме овој убиствен режим да продолжи со дестабилизирачките активности“.
Доколку САД се повлечат, договорот би можел да пропадне. Другите потписници продолжија со негова поддршка и не покажаа намера за повторно преговарање.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, за телевизијата Фокс изјави: „Нам ни треба поддршка од нашите сојузници, за да покажеме дека овој договор со Иран треба да биде ревидиран“.
Facebook Forum