Линкови за пристапност

СЈО работи на 99 предистражни постапки


Експертот Прибе смета дека СЈО мора да продолжи со работа, и бара да се преиспитаат роковите дадени на обвинителството. Според нацрт-стратегијата за реформи во правосудството, СЈО би било во склоп на Јавното обвинителство како посебно одделение, а ќе истражува и дела од висок профил на корупција

Седумдесет отсто од добиените прислушувани материјали веќе се преслушани и изрaботени се над 1.000 транскрипти, каде врз основа на разговорите има индиции дека станува збор за кривично дело, стои во последниот извештај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), објавен денеска. Тимовите во СЈО анализираат и околу 80.000 телефонски разговори најдени кај скопјанецот Захир Бекири, познат како „Чауш“, но и уште 15.000 кои беа откриени при претрес во предистражна постапка во која на распит беше повикан бизнисменот Љупчо Палевски.

Обвинителите од СЈО во моментот работат на 99 предистражни постапки кои потекнуваат од нелегално прислушуваните разговори, а отворени се и 93 предмети по пријави од други лица или институции.

Последните шест месеци од работата на СЈО, се во знакот на покренатите обвиненија кои беа доставени до судот непосредно пред истекот на рокот. За една ипол година, истрагите кои ги водеше ова обвинителство, собраа доволно докази да се поднесат 18 обвинителни акти против вкупно 120 лица. Станува збор за случаи на злоупотреба на позициите во извршната власт, перење пари, нелегално финансирање на политичка партија и изборна кампања и насилства.

​Од Обвинителството ја нагласуваат одлуката на Апелацискиот суд со која се дозволува прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес за насилствата пред Општина Центар, каде обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски. Судиите од Кривичниот суд во неколку поголеми предмети одлучија нелегалните снимки да ги исклучат од доказите, но сега СЈО ќе се повикува токму на оваа одлука на Апелација, со која ќе може да ги побие донесените одлуки на судиите.

„Одлуката на Апелацискиот суд Скопје го потврдува фактот дека со самото донесување на Законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, аудиозаписите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз основа на Законот, ова јавно обвинителство има надлежност, но и обврска да истражува кривични дела и да гони сторители на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, потенцираат од СЈО.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во извештајот нагласува дека и покрај законската пречка, со која на 30-ти јуни оваа година заврши рокот од 18 месеци во кои СЈО може да поднесува обвиненија, нејзините тимови продолваат да водат истраги.

„Во оваа насока морам да истакнам дека 1-ви јули не менува ништо во фактот што ова јавно обвинителство како професионална и независна институција има капацитет и ќе продолжи преку независни и темелни истраги за кривичните дела за кои е надлежно, во соодветни законски постапки да обезбеди остварување на кривичната правда, и да создаде гаранции дека сторителите на кривичните дела нема да останат неказнети“, стои во извештајот.

Случајно или не, денеска истражители на СЈО влегоа во општина Прилеп и побарале да им се достави документација околу работењето на општината. Индициите биле добиени токму од неколку нелегално прислушувани телефонски разговори. Сепак од Обвинителството не ја потврдија оваа инфромација, но затоа реагаираше опозициската ВМРО- ДПМНЕ од чии редови е градоналачникот Марјан Ристески.

Рајнхард Прибе и неговиот експертски тим, кои пред еден месец беа во Македонија за да ја скенираат состојбата во државните институции, денеска го објавија својот извештај, во кој е наведено дека СЈО мора да продолжи со работа и со истраги, но и дека треба да се преиспитаат роковите кои беа дадени на ова обвинителство за поднесување на обвиненија.

„И покрај критиките, опструкциите и несоработката на голем број клучни институции, вклучувајќи го и обидот на претседателот за помилување, СЈО покажа посветеност и компетентност. Меѓутоа, ограничувањата и опструкциите со мандатот на СЈО го покренуваат прашањето за континуитетот во работата, неопходен за да има и кривична одговорност. Законодавецот требало уште на почеток да предвиди дека тимот на Катица Јанева нема да има доволно време да ги анализира сите прислушувани разговори и примени материјали, како и да покрене повеќе истраги. Затоа може да се постави и прашањето дали настанатата ситуација со роковите за СЈО е целосно ненамерна“, смета Прибе.

Во извештајот има нагласени критики кон скопскиот Кривичен суд каде се заглавени предметите на СЈО и затоа експертот на ЕУ бара на судиите кај кои ќе се утврди одговорност за несовесно работење, да им се забрани да се бават со служба во правниот сектор.

Катица Јанева неколкупати побара роковите за поднесување на обвиненија да бидат продолжени, образложувајќи дека станува збор за огромен материјал кој физички е невозможно да се прегледа како и опструкциите со кои се кочеше работата на обвинителство во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.

Каква ќе биде иднината на СЈО, се` уште е непозната. Реформите во правосудниот систем и натаму не се почнати, но според нацрт- стратегијата која се` уште е во фаза на дебата, се предвидува СЈО да стане посебно одделение во Јавното обвинителство со проширена надлежност, односно освен со прислушувани разговори да се занимава и со гонење на кривични дела од висок профил на корупција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG