Најмалку 18 лица се повредени, а многумина од нив се здобиле со изгореници, по експлозија што се случила на подземната станица Парсонс Грин во раните утрински часови во Лондон.
Полицијата го третира како терористички напад.
Лондонската полиција соопшти дека причина на пожарот бил импровизиран експлозивен уред. Од полицијата велат дека нивната истрага е поддржана од MИ-5, британската домашна разузнавачка агенција.
Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, апелираше за смиреност и рече дека сега е важно да не се шпекулира. Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека британскиот главен град „никогаш нема да биде заплашуван или поразен од тероризмот“.
Сведоците велат дека имало голема паника.
Крис Вијлиш, патник во возот, изјавил дека имало „голем бран на пламен“ кој стигнал до почетокот на возот, проследен со мирис на хемикалии. Тој изјави дека голем број ученици се наоѓале во тој момент во возот и дека тие биле буквално истуркани од другите патниците кои панично излегувале од опожарениот вагон.
Фотографиите направени во возот покажуваат бела пластична кофа во торба за шопинг од супермаркет, од каде нешто наликувало на жици.
Американскиот претседател Доналд Трамп напиша на Твитер: „Уште еден напад во Лондон од губитници терористи, неморални лица. Мора да бидеме проактивни во акциите“.
Ова е петти терористички напад во Лондон за само шест месеци. Британската премиерка Тереза Меј свика итна средба на владата.
Facebook Forum