Охриѓанецот Борис Џепароски од секое дрво може да направи различна скулптура. Уште како мал почнал да создава креативни дела, и на 18 годишна возраст направил спортски глисер.
„Оваа машина е опасна и треба да се внимава при ракувањето. Една мала грешка може многу да ве чини. Работата бара голема концентрација и треба да заборавиш на се’ додека ги изработуваш уметничките дела“, вели уметникот Борис Џепароски.
Џепароски е еден е од ретките во Европа кој изработува вакви скулптури. Признава дека не е едноставна оваа професија. Некои од скулптурите ги изработува за неколку часа, други пак, за неколку дена.
„Со самото гледање на дрвото, јас ја гледам скулптурата и ги следам неговите координати. За многу кратко време ја направив скулптурата „Исус на гробиштата во Германија“ која беше готова за 13 часа. Таа е речиси 3 метра висока“, додава Џепароски.
Скулптурата на Свети Наум, која сега се наоѓа во истоимениот манастирски комплекс кај Охрид, е уметничко дело на Џепароски. За нејзината изработка употребил старо и суво дрво а ја направил за 15 часа.
На барање од градската управа во германскиот град Дорнхан, каде што Џепароски живее повеќе од 20 години, ја изработил скулптурата “Македонија - Феникс” од две стебла на костени кои биле многу стари и биле опасни за безбедноста за жителите. Сулптурата е во форма на девојка која во рацете држи Феникс, а таа ја преставува Македонија.
„На работ на повреда бев, кога ја правев Македонија - Феникс, ми се скинаа шест синџири. Имав само неколку флеки на рацете бидејќи јакната ми беше скината“, вели Џепароски.
Иако ова му е само хоби, вели дека од оваа работа може и добро да се живее. Најскапата мала скулптура ја продал за околу 40.000 евра, додека останатите, најчесто биле откупувани по пат на лицитација.
Facebook Forum