Линкови за пристапност

Идни градоначалници, а без програми


Партиите ќе чекаат до последен момент со доставувањето на кандидатските листи за градоначалници. Пратеници и министри ќе се тркаат за градоначалничката фотеља, ставајќи го партискиот интерес во преден план, оставајќи отворена опција доколку загубат да се вратат на старите функции

Еден ден пред истекот на рокот за поднесување на кандидатските листи за градоначалници до Државната изборна комисија (ДИК), партиите се` уште мерат рејтинзи на евентуалните кандидати и калкулираат со коалиции на локално ниво за што подобар резултат. Официјално, засега се знаат само имињата на триесетина кандидaти кои ќе се борат за градоначалничката фотеља во петанесетина општини. Голем дел од граѓаните во Македонија и натаму не знаат што ќе им биде презентирано и сервирано на 15-ти октомври и меѓу кого ќе треба да избираат.

„Изборите се за еден месец, а јас се` уште не сум прочитала ниту една програма, ниту за мојата општина, ниту за градот Скопје. Кандидатите сега ќе се растрчаат со она што им го напишале во партија. Токму затоа не знам ниту дали ќе излезам да гласам, вели Јасмина Марковска.

За аналитичарот Петар Арсовски, ова е огромен пропуст на партиите.

„Најголем проблем е што граѓаните се држат во неизвесност. Не се информирани. Името на кандидатот за градоначалник треба да се знае неколку месеци однапред. Така граѓаните ќе имаат доволно време да се запознаат со него, со неговата програма, да поставуваат прашања и да даваат идеји“, вели тој.

По локалните избори неколку места во Владата и Парламентот ќе останат празни, бидејќи десетина народни избраници одлучија да ги стават партиските интереси и цели во преден план и да се кандидираат за градоначалници. Министерот за здравство Арбен Таравари, заменик- минстерот за образование Висар Ганиу, пратениците на СДСМ, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Бетијан Китев, Максим Димитриевски, Благојче Бочваров, Коста Јаневски и Сашо Поцков. ВМРО-ДПМНЕ ги кандидираше Зоран Ѓоргиовски, Дафина Стојановска и Горан Манојловски, од БЕСА ќе трчаат Биљал Касами и Зекирија Ибраими а од ДПА, Бардуљ Даути.

Ниту еден од нив не даде оставка на својата функција со образложение дека со стартот на кампањата се прекинува работата во Собранието и во Владата и затоа ќе имаат доволно време да се посветат на кампањата.

Арсовски смета дека станува збор за еден вид на поттурање на кандидати кај граѓаните и играње на пинг-понг со гласачите. Според него, ова е очигледна борба за фотеља, која не е во корист на гласачите, а самите кандидати имаат „бекап“, во случај да изгубат на изборите враќајки се на претходните функции за кои првенствено ја добиле довербата на граѓаните.

„Градоначалните мораат да ги знаат ситните проблеми на граѓаните кои се клучни кога станува збор за локални избори. Раскопани улици, затнати шахти, лоша инфраструкура... Тие до вчера се занимавале со меѓународни односи, здравство, закони за јазици и високи политики, и одеднаш треба да се префрлат на проблемите со шахтите “, објаснува Арсовски и додава дека токму ова може скапо да ги чини партиите на претстојните избори.

Во меѓувреме, тактизирањето со официјализирање на кандидатски имиња продолжува. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека денеска ќе соопшти неколку нови имиња што не е случајот со СДСМ. Очекувано, сите партии ќе ги достават своите листи во последен момент.

Аналитичарите се убедени дека пред нас е жестока кампања и во македонскиот и во албанскиот блок, во која ќе има и валкани потези.

Никој не сака да го прогнозира крајниот исход.

„Мислам дека трендот на гласање за власта на сметка на опозицијата ќе продолжи и на овие избори. Клиентелизам ќе има. Севкупно, климата е во полза на СДСМ која ќе освои повеќе градоначалнички места од оние што ги има во моментов, но ќе има изненадувања во неколку општини кои ги сметаат за веќе добиени или свои бази“, смета Арсовски.

Досегашниот градоначалник на општина Центар кој се најде во фокусот на јавноста поради проектот „Скопје 2014“ и насилните протести пред општината во последен момент се повлече од трката. Откако стана јасно дека тој нема да биде предложен и поддржан од СДСМ, тој ги собра потписите потребни за кандидатура како независен кандидат но утрово преку „Фејсбук“ соопшти дека „ќе ја продолжи кариерата на висока раководна функција во извршната власт“ и дека преминува во СДСМ.

Иако неофицијално, битката во Скопје ќе се води помеѓу досегашниот градоначалник Коце Трајановски и Петре Шилегов од СДСМ. Двајцата кандидати се` уште ја немаат соопштено својата програма како го замислуваат Скопје и во која насока ќе се обидат да го придвижат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG