„Дозволете да ви честитам суверена и слободна Република Македонија“, ова се зборовите на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.
Ова, сега веќе историско обраќање вечерта на 8-ми септември 1991-та го означи почетокот на исполнувањето на вековниот стремеж за независна и самостојна Македонија. Дваесетишест години подоцна земјата се соочи со една од најтешките внатрешни институционално-политички кризи кои кулминираа ноќта на 27-ми април.
Четири месеци подоцна, прашањето е дали денот на независноста Македонија ја дочекува постабилна и пообединета. Одговорите, варираат во зависност од тоа кој ги дава – опозицијата, или власта.
„Повторно минуваме низ период во кој се отвараат прашања што длабоко задираат во нашиот идентитет и немаме веќе ни малку простор и комоција да дозволиме непромислени одлуки чии последици би ги чувстувале долго во иднина. Антидржавните и антинационалните политики мора да ги оставиме зад нас“, вели во својата честита лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Владата, која штотуку наврши 100 дена преземањето на власта, вели „Македонија повторно слободно живее“.
„Да продолжиме заедно да ја градиме Република Македонија во едно општество за сите, низ меѓусебна почит и разбирање затоа што само заедничката среќа е среќа. Kако премиер кој ја доби честа од вас да води, ве повикувам, да чекориме заедно“, рече премиерот на Македонија, Зоран Заев.
И шефот на државата побара единство – „сплотени и единствени мора да продолжиме и понатаму ревносно да работиме на изградба на просперитетна, богата и силна Република Македонија“, вели во честитката Ѓорѓе Иванов.
Она на што денес повикуваат актуелните политичари, пред 25 години визионерски го исцрта првиот претседател пред чиј гроб денеска се поклонија оние кои сега ја водат Македонија.
„Да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат взаемна соработка и да ја оставиме историјата зад нас. На Балканот за жал премногу се живее од историјата, а премалку од она што денес и утре треба да се случи“, се дел од зборовите на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.
Facebook Forum