Ураганот Ирма се движи кон сојузната држава Флорида. Властите наредија задолжителна евакуација за илјадници лица.
Претхидно, Ирма мина покрај Доминиканската Република, а метеоролозите ја нарекуваат „потенцијално катастрофална“ бура од петта категорија.
Според Американскиот центар за урагани, и покрај тоа што ќе помине покрај крајбрежјето на земјата, ветриштата и врнежите, се опасни по живот. Истите услови се очекуваат доцна вечерва по локално време на островите Туркс, Каикос и на Бахамите.
Од Ирма животот досега го загуби најмалку едно лице на Барбуда, а осуммина загинаа во Сент Мартин.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерард Коломб, рече дека бројот на жртвите на Сент Мартин најверојатно ќе се зголеми. Островот е поделен помеѓу француски и холандски страни. Холандските официјални лица изјавија дека сé уште немаат информации за жртвите, но дека има „огромна штета“, вклучително на аеродромот и на пристаништето.
Ирма синоќа помина преку Порторико, при што беа зафатени околу еден милион жители. Американски експерти рекоа дека можно е да бидат потребни четири до шест месеци, пред целосно да биде обновена електричната мрежа во оваа држава.
Претседателот на САД Доналд Трамп, прогласи вонредна состојба во Порторико. Декларацијата ја овластува Федералната агенција за управување со вонредни состојби - ФЕМА (FEMA) да ги координира напорите за помош при катастрофи на островот.
Барбуда претрпe директен удар од Ирма, која остави зад себе она што премиерот на Антигва и Барбуда, Гастон Браун го нарече „навистина ужасна ситуација“. Браун додаде дека речиси секоја зграда била оштетена, или 95 отсто од островот е уништен.
Барбуда можно е да биде мета на ураганот Хозе, кој се наоѓа веднаш зад Ирма, иако не е со толкава јачина.
Во сабота се очекува Ирма директно да ја погоди сојузната држава Флорида. Пред бензинските пумпи и продавниците за храна има огромни редици, бидејќи луѓето или ќе бегаат на побезбедно или се снабдуваат со резерви за да преживеат.
Гувернерот на Флорида Рик Скот, порача жителите да се подготват сега, и да не ги игнорираат наредбите за евакуација.
„Можете да ги обновите вашите домови, но не можете да ги обновите вашите животи“, рече тој.
Facebook Forum