Линкови за пристапност

Сто дена реформи и проекти, јавноста чека резултати


Реформските процеси се почнати, промените се забележуваат, но оваа Влада мора да презентира конкретни резултати, сметаат аналитичарите. Премиерот задоволен од сработеното, а опозицијата со жестоки критики за партизација, неспособност и уништување на државата

„Ова се резултати кои се постигнати после една исклучително сложена и кризна ситуација во нашата земја. Од таа ситуација како победници излегоа граѓаните. Влеговме во нова фаза, во која создаваме еден сосема нов политички амбиент во кој доминираат транспарентноста, одговорноста, отчетноста и разумните политики, од интерес за сите граѓани“ рече премиерот Зоран Заев, говорејќи за сработеното во првите сто дена од Владата.

Ребаланс на буџет, укинување на радиодифузна такса, воведување на евтина струја, субвенции за земјоделците, зголемување на минималната плата, кратење на непотребни трошоци... Ова се само дел наброените успеси во презентацијата на отчетот на Владата.

„Во овие 100 дена не` водеа пет принципи, пет зададени обврски и важни одредници: Да ги вратиме парите кај граѓаните, да обезбедиме економски развој за подобар живот, да им дадеме пријателско лице, да ги направиме институциите во служба на граѓаните, во сите наши одлуки граѓаните да препознаваат отворена и реформска влада, и да ја промовираме нашата земја Македонија како пријател на соседите, која цврсто чекори на патот кон НАТО и ЕУ“, нагласи Заев.

За него клучен успех во првите сто дена е отварањето на државните институции кон јавноста, укинувањето на класифицирани информации и документи и со тоа враќање на државниот апарат во службата на граѓаните.

Приоритетниот план 3-6-9, кој е еден од условите за приближување кон членство во ЕУ и НАТО, во првите сто дена се спроведувал преку зајакнување на капацитетите на ДИК, законот за јазиците, укинувањето на владините реклами во медиумите, декласификација на дел од информациите поврзани со финансикото работење на министерствата, отварање на Катастарот и Централниот регистар за новинарите и зајакнување на капацитетот на канцеларијата на Народниот правобранител.

„Планот 3-6-9 не враќа на брзата трака во евроинтеграциските процеси за да ја промовираме Македонија како пријател на своите соседи, земја која оди цврсто по патот кон НАТО и ЕУ“, рече Заев.

Сепак во овој план се и клучните реформи во правосудството и во безбедносните иразузнавачките агенции кои сеуште се на самиот почеток и не се спроведени.

На меѓународен план, премиерот се задржа на договорот со Бугарија и поддршката на меѓународната заедница, потенцирајќи ги САД.

„Односите со САД, со воената вежба на Криволак, ги поставивме на ново квалитетно рамниште на глобален безбедносен план. Средбата со американскиот потпретседател Пенс, во Подгорица, беше нова афирмација за нашата НАТО аспирација“, рече премиерот Заев.

Експертите сметаат дека во Македонија има придвижување и чувство на ослободување кај граѓаните без разлика на етничката припадност, но потребни се конкретни резултати.

„ Општо, новата Влада дава чувство на некакво ослободување. Очекувањата на граѓаните и на аналитичарите се големи и така треба да биде“, вели аналитичарот Назим Рашиди.

За успеси во меѓународната политика, Рашиди смета дека е многу рано да се говори или да се заклучува било што бидејќи за сто дена не може ништо да се стори и потребен е далеку подолг временски период.

„Реформите во правосудството се почнати но нема никакви резултати. Мора да има процеси за тоа што обвинуваа додека беа во опозиција. Злоупотребите мора да се откријат. Императив е да се утврди дали и колкумина невини издржуваат затворски казни“, додава Рашиди.

Тој смета дека локалните избори, кои ќе се одржат наредниот месец, ќе ги дефокусира власта но и јавноста и предвидените проекти и реформи можат да дојдат во втор план.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критикуваше власта и презентираниот отчет.

„Сто дена партизација, укинување и блокирање на проекти, економско тонење, задолжувања, неработење и непромислени и површни потези. Ова е тоа што го трпеше Македонија и граѓаните на Македонија изминативе сто дена“ рече Никола Груевски.

Опозицијата смета дека надворешната политика која ја води Владата е без никаков концепт и базирана исклучиво на рушење на достоинството на државата и постојано понижување. Груевски додава дека неаздоволството на граѓаните кое ќе можат да го изразат на локалните избори на кои најави пораз на неговите политички опоненти.

Разочарување од работењето на Владата изрази и партијата БЕСА, која смета дека нема голема разлика меѓу оваа и минатата политичка гарнитура.

„Не се случи она што го очекувавме и нè разочара со одлуките што ги донесе. И оваа како и претходната Влада продолжи со истата пракса, партизација на институциите. На важни функции, наместо професионалци, седнаа партиски војници“, изјави лидерот на партијата Билал Касами.

Според оваа партија во моментов се манипулира со законот за јазиците за кој се сомневаат дека ќе биде донесен пред локалните избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG