Јужна Кореја планира да распореди дополнителни ракетни фрлачи во рамки на контроверзниот систем за противракетна одбрана на САД, што е уште еден знак за ескалацијата на тензиите и дипломатскиот ќорсокак околу севернорејската нуклеарна програма.
Министерството за одбрана денес објави дека ќе бидат поставени уште четири ракетни лансери, кои го сочинуваат системот за одбрана, заедно со двата лансера кои веќе се во функција во градот Сеонџу, кој се наоѓа јужно од Сеул.
Распоредувањето на системот наиде на остри критики од страна на Кина и на Русија, кои на него гледаат како на закана.
Дополнителните ракетни лансери се распоредени само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот јужнокорејски колега Мун Џеј-ин, постигнаа договор за укинување на ограничувањето на јужнокорејските проектили, како одговор на најновиот нуклеарен тест на Пјонгјанг во неделата, за кои тврдат дека бил хидрогенска бомба.
Јужнокорејскиот претседател го разгледал и дипломатското решение за спорот за време на разговорот со неговиот руски колега Владимир Путин, на маргините на економскиот самит во Владивосток.
Двајцата лидери се согласиле дека Северна Кореја мора да ги прекине нејзините програми за тестирање на нуклеарните и ракетните проекти, но, Путин повторно го отфрлил наметнувањето на натамошни санкции за изолација, инсистирајќи на тоа дека преговорите се единствениот начин за решавање на ова прашање.
Лидерот на Јужна Кореја побарал од Путин да размисли за блокирање на испораките на нафта на север, како и спречување Севернокорејците да работат во странски земји.
Кина, која е единствениот главен сојузник на Северна Кореја, исто така тврди дека натамошното заострување на санкциите против Пјонгјанг, нема да ги намали тензиите на Корејскиот Полуостров.
САД неделава ќе го достават предлогот на нова резолуција за Северна Кореја во Обединетите нации, надевајќи се дека Советот за безбедност ќе го изгласа следниот понеделник.
Трамп вети дека ќе ја запре трговијата во САД, со која било земја што соработува со Северна Кореја, а секретарот за финансии Стивен Мнучин, вели дека работи на деталите за таквиот план, кој првенствено би бил наменет за соседот на Пјонгјанг, главниот трговски партнер и стратешки сојузник, Кина.
Повеќе од 90 проценти од извозните приходи на Северна Кореја доаѓаат од Кина.
Facebook Forum