Линкови за пристапност

Претседателот Трамп ја укина програмата за имигранти - ДАКА


Се однесува на стотици илјади млади имигранти со нелегален престој, кои дошле во САД како деца, а мерката ги штити од депортација во нивните матични земји. На потег е Конгресот

Претседателот на САД Доналд Трамп, ја прекина Програмата за одложено пристигнување на деца, позната под кратенката ДАКА (DACA).

Преку главниот правобранител, Џеф Сешнс, Белата куќа ја соопшти одлуката за укинување на програмата којашто штити од депортација околу 800.000 млади лица со нелегален престој во САД, доведени во земјата од нивните родители, уште како деца.

Сешнс истакна дека програмата е противуставна и дека Одделот за правда не може да застане во нејзина одбрана. „Не можеме да примиме секој кој сака да дојде овде“, рече Сешнс, додавајќи дека „ограничувањето на имиграцијата „значи дека САД соодветно ги спроведуваат своите закони“.

Мерката им дозволува на овие млади луѓе кои се верува дека дошле во САД на 6-годишна возраст, главно од Мексико и Централна Америка, да студираат и работат во земјата, како и да служат во американската армија.

Владини претставници изјавија дека денешната одлука е проследена со продолжување од шест месеци, за на Конгресот да му се даде време да го реши прашањето. Доколку не успее, депортациите можно е да почнат уште во март, наредната година.

Трамп преку Твитер му порача на Конгресот – „подгответе се да ја завршите вашата работа – ДАКА“.

Законодавците не беа вклучени во креирање на оваа програма, којашто стапи на сила преку извршна наредба на поранешниот претседател Барак Обама.

Спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан, и неколку други републикански законодавци, претходно го повикаа претседателот да не ја укинува програмата. Рајан додаде дека верува оти Конгресот треба да изнајде начин за заштита на овие луѓе.

Пред Белата куќа се одржуваат протести, во знак на поддршка на ДАКА, а демонстрации се организирани и во други градови ширум САД.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG