Линкови за пристапност

Според СМК одлуката за приклучување кон НАТО е неуставна


Светскиот македонски конгрес (СМК) во средата поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за оценка на уставноста на „Одлуката за стапување на Република Македонија во членство во НАТО“, од 1993 година.

Во моменти кога расте оптимизмот за можниот прием на Македонија во Алијансата, Светскиот македонски конгрес (СМК) на чие чело е Тодор Петров, бара Уставиот суд да ја оцени уставноста на Одлуката, а во меѓувреме да донесе времена мерка, „поради ризик од ефектуирање на Одлуката.

Според СМК, Одлуката од 1993 не е во согласност со членовите 1, 2, 8 , 51 и 120 од Уставот на Република Македонија.

СМК наведува дека постапката за стапување на државата Македонија во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави е уредена во членот 120 од Уставот, во кој е предвидено дека „одлуката ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (80), но одлуката се смета за усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи!“. А дека постапката за стапување на државата Македонија во членство или за истапување од членство во меѓународни организации е уредена со членот 121, според кој одлуката ја донесува само мнозинство гласови (61) на пратениците и не е предвидено рефрендумско изјаснување. Притоа, СМК тврди дека НАТО не е меѓународна организација, туку политички и воен сојуз на држави.

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, професорот Нано Ружин, за Гласот на Америка на македонски јазик, за последниот потег на СМК, изјави:

„Во врска со поднесувањето претставка кон Уставниот суд околу членството на Република Македонија во НАТО, може да се истакне дека: Алијансата е пред сè, политичка, а потоа воена организација, создадена согласно Повелбата на Обединетите нации, и како таква е отворена за сите држави кои настојуваат да станат членки на истата. Република Македонија, од независноста до денес, во неколку наврати ги истакна заложбите да се здобие со членство во НАТО а со Резолуцијата на Собранието од 1993, членството во Алијансата прерасна во стартешка цел на Република Македонија и на нејзината надворешно-политичка ориентација. Според тоа, секоја иницијатива за оневозможување на членството во оваа институција е несоновано, бидејки пристапувањето кон НАТО е регулирано и со меѓународното право, кога државите можат да стапуваат во разно видови сојузи заради бројни причини.. Сепак, сметам дека е и добро што Петров и СМК поднеле таква претставка, бидејки на тој начин се покажува владеењето на демократијата и слободното изразување, инаку едни од неколкуте предуслови за членство во НАТО. Таквите иницијативи, или оние кои го критикуват НАТО, исто така се добродојдени, бидејки се покажува дека не постои униформност во поглед на размислувањата за разни стратешки прашања“

За став за претставката на СМК, се обративме и до министерката за одбрана Радмила Шекеринска, но од нејзиниот кабинет добивме одговор дека МО и министерката „нема да ја коментираат“.

Инаку, вчера, неколку десетици поддржувачи на СМК, со протести пред македонското МНР, го дочекаа и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој јавно излезе со пооптимистички тонови за евроатлантските интеграции на Македонија и побараа „безусловно прекинување на преговорите со Грција за промена на името на државата“ и ги отфрлија евроатлантските интеграции на Македонија.

Лидерот на СМК Тодор Петров, од протестот порача: „Упатуваме порака дека одлуката на граѓаните е дефинирана со референдумот од 8 септември 1991 година, за самостојна и суверена држава Македонија, без додавки и без придавки. Го отфрламе пристапувањето на Македонија во ЕУ и НАТО, поради грчкиот геноцид врз македонскиот народ, антимакедонизмот на Грција, нацифашистичкото барање на Владата во Атина за промена на името на државата и идентитетот на нацијата“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG