Линкови за пристапност

Македонец повреден во терористичкиот напад во Барселона


Тој не е во животна опасност. Педесетина македонски државјани кои живеат во Барселона се безбедни. Тие сведочат за ужасот во центарот на градот. Шпанската полиција спречила нов напад и ликвидирала петмина терористи. Исламската држава ја превзеде одговорноста за нападот

Македонски државјанин е тешко повреден во терористичкиот напад што вчера попладне беше изведен во Барселона, а во кој животот го загубија 13 лица додека стотина беа повредени. Оваа информација утрово ја потврди и Министерството за надворешни работи (МНР) од каде додадоа дека повредениот македонски државјанин е хоспитализран и е надвор од животна опасност.

„Согласно комуникацијата остварена со надлежните служби, македонската амбасадата во Шпанија дојде до информација дека еден македонски државјанин во моментот се наоѓа во болница во Барселона. Лицето во моментот на извршување на нападот се наоѓало во непосредна близина и се здобило со скршеница на зглобот на ногата. Лицето се наоѓа вон животна опасност и е третиран од страна на шпанските медицински служби“, стои во соопштението од МНР.

Службеник од македонската амбасада, веднаш по добиената информација, заминал во болницата каде се наоѓа повредениот македонски државјанин.

Состојбата во Барселона сега е мирна, а животот полека се враќа во нормалниот колосек.

„Начелно е мирно, но генерално сите се загрижени. Со моето семејство живеам во близина на центарот на градот и од она што го гледам, можам да заклучуам дека луѓето си вршат работи како и секој друг ден. Сите мои пријатели денес се на работа, ако не се заминати на одмор, бидејќи во Шпанија одморите стартуваат на почетокот на август“, вели Нада Тозија-Узал, македонска државјанка која десетина години живее и работи во Барселона.

Таа додава дека движењето во близина на местото каде што беше изведен терористичкиот напад е забрането за движење и дека полицијата се` уште врши увид.

Нашата соговорничка е згрозена од вчерашниот чин.

„Страшно и тажно е што вакви настани станаа дел од нашето секојдневие. Искрено не се изненадив премногу. По сите случувања последнава година, некако беше логично дека Барселона е следната мета. Сепак се работи за омилен град на туристите каде во било кое време од годината има голема посетеност“, вели Тозија-Узал.

Јавноста, медиумите и политичари во Македонија, жестоко го осудија вчерашниот терористички чин во Барселона.

Според официјалните информации на шпанската полиција, неколку часа подоцна бил спречен уште еден терористички напад, овојпат во градот Камбрил кој се наоѓа на стотина километри од Барселона. Сценариото било слично, петмина напаѓачи кои носеле појаси на себе се движеле со комбе, но пред да успеат да се доближат до место полно со луѓе, биле пресретнати од полицијата и ликвидирани. Според првичните информации, во појасите кои ги носеле на себе немало експлозив.

Терористичкиот напад беше изведен вчера попладне кога комбе со огромна брзина влета во масата жители и туристи на улицата Ла Рамбла и плоштадот Каталуња во центарот на Барселона. Според изјавите на очевидците, возачот го насочувал комбето цик-цак за да може да убие и повреди што е можно повеќе лица.

Шпанската полиција соопшти дека во нападот се убиени 13 лица, а над 100 се повредени. Засега не е познато колку од повредените се во животна опасност. Најмладата жртва е тригодишно девојче. Државјани на 24 држави низ светот се жртви или повредени во овој терористички чин.

Шефот на каталонската полиција, Луис Траперо, соопшти дека две лица се приведени за учество во нападот во Барселона, а интензивно се трага по трето лице за кое се претпоставува дека е возачот на комбето. Еден од напаѓачите е идентификуван. Станува збор за Мароканецот Дриш Оукабир на чие име се изнајмени двете комбиња со кои се извршени нападите.

Тој утрово самиот се предал тврдејќи дека е невин и дека личните документи му биле украдени пред неколку дена.

Шпанскиот премиер Мариано Рахој синоќа прогласи тридневна жалост во Шпанија и рече Каталонија била цел на напад на џихадистичкиот тероризам, како и други градови во светот. Ова е најкрвавиот напад во Шпанија, по оној од 2004-та година, кога Ал Каеда во серија координирани напади врз патнички возови во Мадрид уби 192 лица.

Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група Исламска држава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG