Линкови за пристапност

Зврлевски го преживеа собраниското гласање по десети пат


Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во последните десетина дена поднесоа интерпелација за шест министри во Владата - Никола Димитров, Мила Царовска, Арбен Таравари, Садула Дураку, Љупчо Николовски и Роберт Алаѓозовски. Интерпелациите дополнително ќе ја забават смената на Зврлевски

Разрешувањето на државнот Јавен обвинител Марко Зврлевски, како точка на дневен ред на шестата седница на Собранието, беше поставена на 5-ти јули. По четиресет дена и десет продолженија на седницата, Зврлeвски се` уште ја извршува својата функција, а гласањето за негова смена не е на повидок.

Ова се должи на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои упорно ја кочат работата на Собранието со бесконечни дебати исполнети со меѓусебни реплики и контрареплики, процедурални забелешки и паузи. Спикерот Талат Џафери денеска соопшти дека на осумте пратеници кои се јавиле за збор за време на трите собраници седници одржани минатата недела на расправата за разрешување на јавниот обвинител, дури 200 пратеници се јавиле за реплика. Тие дебатираа за се`, освен за смената на обвинителот, па така „жестоки“ реплики и дискусии имаше за договорот со Бугарија, состојбата со пожарите, депонијата во Струга и ред други теми кои се однесуваат на актуелни дневни настани.

За разлика од нив, пратениците од СДСМ се откажаа од своето право на збор и не учествуваат во дебатата. Тоа на денешното продолжение повторно го потврди координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев.

„Повторно ќе кажам дека пратениците од СДСМ нема да учествуваат во оваа бесмислена расправа“, рече тој од собраниската говорница.

Во неколку наврати мораше да интервенира и собраниското обезбедување, бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ физички ја блокираа говорницата, а пратеникот Илија Димовски му ја одзеде картичката на спикерот Џафери.

Уште на самиот почеток стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена ќе го брани обвинителот. Непосредно пред почетокот на седницата, пратениците од опозицијата формираа десет пратенички групи кои бројат по неколку пратеници и на секоја од нив назначија координатор. Собранискиот деловник тоа го дозволува, и оттаму секој координатор има право на 15 минути збор, реплики и на процедурални забелешки, но, и право во кое било време да побара едночасовна пауза на работата на Собранието.

Ако тоа не е доволно, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во последните десетина дена поднесоа интерпелација за шест министри во Владата, Никола Димитров, Мила Царовска, Арбен Таравари, Садула Дураку, Љупчо Николовски и Роберт Алаѓозовски.

Интерпелациите дополнително ќе ја забават смената на Зврлевски бидејќи се приоритетни. Според собранискиот Деловник, претседателот на Собранието треба да ги извести министрите против кои е поднесена интерпелацијата и најдоцна 15 дена по добиениот писмен договор да ја закаже седницата за нивна интерпелација. Седницата може да трае најмногу 24 часа во кои ќе се образложат ставовите „за“ и „против“ интерпелацијата и потоа се оди на гласање.

Според поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, Џафери нема друг излез, освен да ги закаже седниците кон крајот на овој и почетокот на идниот месец, а тоа пак значи дека наместо гласање за Зврлевски ќе има жестоки расправи во Собранието против актуелната Влада и тоа пред официјалниот почеток на кампањата за локалните избори закажани за 15-ти октомври.

Експертите сметаат дека излез од оваа ситуација во Собранието нема и дека единствен начин да се забрза работата е спикерот Џафери цврсто да се држи до точката на дневен ред што подразбира одземање на правото на збор, реплики и контра-реплики доколку пратеници говорат за нешто друго освен за разрешувањето на Зврлевски. Сепак тие додаваат дека тоа со сигурност ќе ги зголеми тензиите и дека е многу ризичен потег.

Од ВМРО-ДПМНЕ не ги коментираат овие факти и тврдат дека станува збор за начелото на демократијата - дискусијата. Околу смената на Зврлевски, ставот на партијата е дека станува збор за политички мотивирана одлука за да се спаси премиерот Заев кој е под истрага во ова обвинителство, но и дека поради распишувањето на изборите не смее да има разрешување на државни функционери. Токму за ова побараа и мислење од Антикорупциската комиисија чии членови деновиве треба да се состанат бидејќи досеа биле на годишен одмор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG