Линкови за пристапност

Ќе ја „преживее“ ли обвинителот Зврлевски и седницата во петок


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на сите можни начини, според собранискиот деловник но и надвор од него, се обидуваат да го блокираат разрешувањето на државниот обвинител. Владеачката СДСМ пак најави дека нема одмор за пратениците се' додека не се гласа за смена за Зврлевски

Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски ќе остане на својата функција барем до петок, кога е најавено ново продолжение на шестата седница на Собранието, каде точка на дневен ред е неговото разрешување. Денеска пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно успешно ја блокираа работата на Собранието и не дозволија гласање за негова смена.

Денешната седница почна тензично и со мал инцидент кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја блокираа собраниската говорница, па спикерот Талат Џафери мораше да го повика обезбедувањето и да даде пауза.

Пратеникот Антонио Милошоски, му порача на Џафери „да размисли“ следниот пат кога ќе го повика собраниското обезбедување.

Дебатата околу разрешувањето на Зврлевски потоа продолжи со бесконечни реплики на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои си реплицираа меѓусебно, но и на пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој пак воопшто не беше присутен во салата. Меѓусебните реплики не се однесуваа на разрешувањето на обвинителот, па така денеска теми беа пожарите, мигрантите, Супер купот, депонијата во Струга и договорот со Бугарија.

Токму смената на Зврлевски беше причината поради која пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ формираа десет пратенички групи, и назначија исто толку координатори.

За работата на обвинителот пратениците од опозицијата се изјаснија дека власта нема никакви докази за незаконско работење и бара да биде разрешен исклучиво од политички причини. Тие се повикуваат и на распишаните локални избори бидејќи според нивното толкување на законите, не смее да има разрешувања на државни функционери се' до нивното одржување. Во таа насока ВМРО-ДПМНЕ писмено побараа од Државната комисија за спречување на корупција да се произнесе дали треба да продолжи седницата, а со тоа и смената на обвинителот.

Илија Димовски од од оваа партија, апелираше членовите на Антикорупциската комисија веднаш да се вратат од одмор за да одговорат на нивното прашање дали постапката за разрешување на Зврлевски треба да се прекине.

Од друга страна пак СДСМ смета дека тоа мислење за Собранието не е обврзувачко и ги обвини опозиционерите за одолговлекување на седницата, а пратениците од владеачкото мнозинство не учествуваат во дебатите.

Премиерот Зоран Заев, веднаш по стапувањето на функција, побара од Зврлевски да си поднесе оставка, и во неколку наврати изјави дека реформите во правосудниот систем почнуваат токму со него. СДСМ со години наназад го посочуваше Зврлевски како човек кој ги штити криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие наведуваа примери за неговата селективност при отворање на постапките, а најмногу критики беа упатени поради инертноста во истрагите околу материјалите за нелегалното прислушување, кои му беа доставени. Последен во низата скандали, поврзани со обвинителот Зврлевски, беше грчката фирма „Актор“, која го гради автопатот Демир Капија - Смоквица. Грчките власти објавија дека отвориле истрага против „Актор“ за перење пари во износ од 50 милиони евра. СДСМ уште во 2014-та година достави докази дека претставници на грчката фирма перат пари, но, Обвинителството го држеше предметот „под мраз“ и на крај го затвори, бидејќи не открило ништо сомнително.

Обвинителството кое го раководи Марко Зврлевски работи на расветлување на настаните од 27-ми април, но и по повеќе од три месеци истраги нема ништо конкретно за тоа кој го наредил и дозволил упадот во Собранието освен обвиненија против триесетина лица кои се товарат за лесни кривични дела како спречување на службено лице и учество во толпа.

Интересно е што уште од самиот почеток на постапката обвинителот Зврлевски ја избегнува јавноста и ниту еднаш не се огласи ниту пак даде коментар околу моменталната состојба или фактот што опозицијата грчевито го брани и го блокира неговото заминување.

Засега од Владата нема никакви информации околу неговиот можен наследник.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG