Роналдо, Бензема, Бејл, Лукаку, Погба, Де Геа, Мата и останатите ѕвезди од Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед истрчаа на теренот на „Телеком Арената“ во Скопје. Двете екипи, на пеколното сонце и екстремно високите температури, го одржаа единствениот тренинг под палките на легендарните Зинедин Зидан и „Специјалниот“ Жозе Мурињно пред утрешниот натпревар - спектаклот наречен Супер Куп.
Протоколот на УЕФА наложи прв на јавноста да и се обрати тренерот на Манчестер Јунајтед - Жозе Мурињо. На прес-конференцијата тој се пошегува околу условите за игра, велејќи дека намерно ги држел тренинзите во 16:00 часот за да може да се прилагодат на климата.
„Знаев дека времето е вакво. Откако се вративме од турнејата во САД, решив во Манчестер да тренираме во 16:00 часот, за играчите да ја почуствуваат топлината. Но врнеше секој ден“, рече „Специјалниот“.
Пред новинарите се обратија и играчите на популарните „црвени ѓаволи“, Хуан Мата и Мајкл Карик кои потенцираа дека се дојдени во Скопје за да победат.
Веднаш по Манчестер Јунајтед, тренинг и прес-конференција одржа и „Кралскиот клуб“.
Серхио Рамос, една од иконите на Реал Мадрид, утре ќе ја носи капитенската лента. Тој рече дека ќе истрчаат на терен со големи мотиви.
„Со нетрпение го очекуваме натпреварот. Долго работевме и се мачевме да го освоиме трофејот во Лигата на шампионите, и сакаме да го освоиме и овој трофеј“, изјави Рамос.
Во Скопје, на изненадување на многумина е и можеби најдобирот играч на денешницата, Кристијано Роналдо, кој имаше проблеми со повреда. Дали тој ќе заигра, се` уште не се открива.
„Роналдо нема многу тренинзи со нас пред овој натпревар, но може да кажам дека е подготвен да игра. Јасно е дека не залудно го носиме во Македонија. Штом дошол тука со нас, значи дека е подготвен да игра, а дали ќе настапи од првата минута ќе видиме утре. Најважно во овој момент е дека е тука со нас, а тоа е огромно значење за тимот“, рече Зидан.
Токму високите температури се причината поради која УЕФА одлучи во текот на утрешниот натпревар да има два тајмаута за играчите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед да можат да се напијат вода. Според најавите, судијата ќе ја прекине играта во 30-та и во 75-та минута.
Прогнозата за утре е дека на почетокот на мечот, во 20:45 часот, температурата ќе биде 32 степена и тоа ќе претставува проблем за фудбалерите на двете екипи.
Во ВИП делот на „Телеком Арената“ ќе биде и кремот на европскиот и светскиот фудбал. Најавено е присуството на легендарните сер Алекс Фергусон, сер Боби Чарлтон и Емилио Бутрагењо.
Двете екипи пристигнаа во Скопје денеска. Околу 13:00 часот, први слетаа играчите на Мадрид, додека експедицијата од Англија слета со еден час задоцнување. Уште пред терминалот, играчите на двете екипи ги пречекаа стотици фанови од Македонија, а исто беше и пред нивните бази, хотелите „Александар Палас“ и „ТЦЦ Плаза“ каде се сместени. Навивање и пиротехника не изостануваше.
Скопје веќе се полни со навивачи на двата клуба од целиот регион. Низ градот може да се видат фанови на „Кралевите“ и на „Ѓаволите“ од Србија, Бугарија, Грција, Хрватска и секако од Шпанија и Англија. Кафулињата и рестораните се подготвени, фрижидерите се полни со ладно пиво а „загревањето“ се очекува да почне во вечерните часови и да заврши некаде утре по полноќ.
Низ градот се поставени фан-зони за навивачите на двата клуба. Љубителите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштадот „Филип Втори“, а нивните ривали од Англија на платото пред Спомен-куќата на „Мајка Тереза“.
„Очекуваме повеќе од 20 илјади фанови, заедно и на Манчестер Јунајтед и на Реал Мадрид“, најави градоначалникот Коце Трајановски
Скопското кале е осветлено во сината боја на Супер Купот.
Двата најмоќни европски клуба и престојниот меч, е причината поради која владее вистинска еуфорија за билети, па оние кои не успеаја да добијат преку електронската лотарија, сега се обидуваат да се снајдат по секоја цена. Според последните информации, билетот на „црно“ достигнува и до 500 евра, иако се најавени ригорозни казни за препродавачите, но и за купувачите.
Центарот на Скопје утре ќе биде блокиран за сообраќај, а вратите на „Телеком Арената“ ќе се отворат во 17:45 часот.
Преносот од фудбалскиот спектакл во Скопје ќе се пренесува во живо во 228 држави во светот.
Facebook Forum