Линкови за пристапност

Пропадна уште еден обид за промена на здравствениот закон во САД


Најновиот напор на републиканците за реформирање на системот на здравствена заштита на САД пропадна во понеделникот откако уште двајца републикански сенатори кажаа дека нема да го поддржат предлогот што беше претставен минатата недела од сенатскиот лидер на мнозинството, Мич Меконел.

Со само 52 места во Сенатот што брои 100, републиканците можат да си дозволат да изгубат само два гласа за да помине предложената замена на Актот за достапна заштита. Сите 48 демократски сенатори се очекува да гласаат против.

Тоа беше втор последователен пораз на сенатскиот лидер на мнозинството, кој мораше да го откаже гласањето на поранешната верзија на предлог законот минатиот месец, кога стана јасно дека нема да помине.

Сенатскиот предлог се соочува со се` поголема опозиција и надвор од Вашингтон. Гувернерот на Њујорк вели дека сенатската верзија ќе има одраз на милиони во неговата држава:

„Ако сте богат, овој предлог не ве допира. Ако сте богат, имате голем избор на планови. Ова е за сиромашните. За старите. За оние со попреченост. За ветераните. Тоа се оние за кои тие не сакаат да плаќаат“.

Последното отфрлање на сенатскиот предлог закон е голем удар за претседателот Трамп, кој не успеа да собере поддршка за она што е важно прашање за Републиканската партија изминативе седум години – уште од времето кога тогашниот претседател Барак Обама и демократите го усвоија Актот за достапна заштита, познат како Обамакеар.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG