Линкови за пристапност

Без правилник нема ограничување на менито на функционерите


Што се трошоци за репрезантација? Во официјалните документи не е прецизирано, и народните избраници поднеле сметки од кои се врти умот на обичните граѓани.

Министерството за одбрана нема никаков правилник или систематизација на репрезентативните трошоци на високите функционери во оваа владина институција, а тие пак, вешто го искористиле овој правен вакуум па успеале да потрошат педесетина илјади евра на ручеци и вечери.

„Работна средба“ и „работен состанок“ се најчестите образложувања при правдањето на фактурите од рестораните доставени во министерството или пак трошоците на службените кредитни картички.

Поранешниот министер Јолевски јадел во екслузивни ресторани во Скопје и во САД, но неговите заменици повеќе сакаат ги ќебапчилниците, пицериите и локалните кафанчиња. Државниот секретар купувал во маркети продукти кои се за домашна употреба, а за тоа плаќало Министерството.

​И во МВР е слично, само што раководниtе лица во ова министерство јаделе и пиеле исклучиво во екслузивните и најскапи ресторани во Скопје. Фактурите покажуваат: стек од бизон, стек од коњ, равиоли со фазан, бранцин и риби кои не може да се најдат во реон од 500 километри.

И тие не знаеле дали воопшто има правилник за репрезентативни трошоци.

Деновиве во јавноста се појавија многу информации за сумите кои претходната гранитура ги дала за репрезентативни трошоци, како во Владата така и во министерствата. Станува збор за стотици илјади евра потрошени на екслузувни јадења и скапи пијалоци а понекогаш пари се трошени и во бутици.

Според информациите на Гласот на Америка правилник што претставуваат репрезентативните трошоци и нивна систематизација не постои, па така нема ограничувања за министрите и високите функционери именувани од Владата колку и на што тие можат да потрошат.

Единствен заштитен механизам е ревизорот во секое министерство кој е должен да проверува како и Државниот завод за ревизија (ДЗР). Меѓутоа тие немаат констатирано ништо спорно.

Систематизација има во делот со дневниците за службени патувања кои се унифицирани и важат за сите. Сепак и тука можат да се забележат злоупотреби бидејќи при работните посети функционерите, на страна парите за дневница кои се наменети и за храна, јаделе секогаш во најскапите ресторани во градовите каде престојувале.

Засега нема ниту една кривична пријава за злоупотреба на службената положба, односно службени средства која е поднесена против некој екс функционар иако се обелоденија илјадници фактури.

Поради отсуството на правилник, непотребното трошење државни пари не е кривично дело, па затоа функционерите можат да понесат исклучиво морална, етичка или политичка одговорност.

Според информациите на Гласот на Америка, минатата недела ова прашање било на седница на Владата. Зклучок со предлог правилник за тоа како и на што смее да се трошат парите на граѓаните веќе е направен и за него се сложиле сите министри но кога ќе стапи во сила не е познато.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG