Линкови за пристапност

Во Сенатот објавен новиот предлог за здравствена заштита


Републиканското мнозинство ја објави предлог мерката во која е вклучен и контроверзниот амандман на сенаторот Тед Круз

Лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, републиканецот Мич Меконел го претстави ревидираниот Закон за здравствена заштита, во кој е вклучен и контроверзен амандман со кој на осигурителните компании им се овозможува да продаваат пакети за здравствено осигурување, кои не покриваат одредени „суштински“ здравствени бенефиции, како што се бара со сегашниот закон.

Критичарите на амандманот на сенаторот Тед Круз тврдат дека основните пакети за здравствено осигурување ќе бидат поевтини за здравите лица, кои немаат потреба од поголема грижа, но затоа ќе се зголеми партиципацијата за болните и постарите.

Амандманот има за цел придобивање на поголема републиканска поддршка, пред почетокот на расправата за предлог-законот закажана за следната недела. Но, со овозможувањето осигурителните компании да продаваат лимитирани пакети може да ослабне поддршката од умерените републиканци.

Трамп неделава беше гласен во убедувањето на републиканците во Сенатот да го завршат предлог-законот, пред да заминат на годишен одмор во август.

Трамп во вчерашното интервју за Христијанската телевизиска мрежа кажа дека ќе биде „многу лут“ ако законот за здравствена заштита не помине.

Меконел го одложи закажаниот одмор за две недели, со цел да им даде на законодавците повеќе време.

Во оценката од страна на непартиската Конгресната канцеларија за буџет се вели дека со претходниот предлог-закон бројот на неосигурени Американци во следната деценија ќе се зголеми за 22 милиони, во споредба со сегашниот систем.

Без детали, не е јасно каква е разликата во новиот план, но Меконел се соочува со сличен предизвик, како и порано во добивањето на поддршката од другите републиканци. Партијата во Сенатот има мнозинство од 52-48. Засега ниту еден демократ не изрази поддршка за напорите за промена на здравствениот систем кој беше предложен од претседателот Барак Обама. За отфрлање на новата мерка, можат да се спротивстават само републиканци.

Главната републиканска критика на постојниот закон познат како Обамакеар, е во тоа што тој е премногу скап и бара сите да купуваат здравствено осигурување или да се соочат со казна.

Претставничкиот дом со тесно мнозинство во мај одобри легислатива за укинување на Обамакеар.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG