Линкови за пристапност

Вашингтон ги поздрави демократските процеси во Македонија


Вашингтон ги поздрави демократските процеси во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Поддршката од САД, Скопје очекува најдиректно да се манифестира на Собирот во Подгорица

Вашингтон ги поздравил демократските процеси во Македонија како и чекорите во делот на добрососедството – тоа накусо според македонската влада, била поентата од телефонскиот разговор меѓу американскиот потпретседател Мајк Пенс и премиерот Зоран Заев, што е прва директна комуникација на највисоко ниво меѓу двете земји по смената на власта во Скопје.

„Американскиот потпретседател ги поздрави процесите што ги започна новата Влада за демократија, слобода и правда во Република Македонија. Потпретседателот Пенс ги оцени чекорите на новата Влада на полето на добрососедските односи како меѓународни успеси. Потпретседателот Пенс изрази поддршка на Планот 3 – 6 – 9 што го усвои Владата за реализација на итните реформски приоритети. Исто така американскиот потпретседател пренесе поздрави до премиерот Заев, новата Влада и граѓаните на Македонија од претседателот на САД, Доналд Трамп и од американската администрација“ – се вели во денешното соопштение од владата.

Во разговорот американскиот потпретседател ја потврдил континуираната поддршка на САД за македонските евроатлантски аспирации, како и охрабрување за реформите. Мајк Пенс, според Белата Куќа, се радува на средбата со Заев и лидерите на Западен Балкан закажана за 2-ри август на Самитот во Подгорица.

Македонскиот премиер се заблагодарил за поддршката од САД. „Цврсто сме определени кон демократските вредности. На тој пат, силно сме инспирирани од САД, како вистински пример за држава којашто се темели на базичните демократски придобивки, слобода, демократија и правда“ – одговорил Заев, стои во владиното соопштение.

Добрососедството, кое го споменал американскиот потпретседател е приоритет за Скопје, кое на патот кон Брисел има отворени прашања и со Софија и со Атина.

„Можеби најдобро за ситуацијата во која денес се наоѓа Македонија е цитатот од претседателот Кенеди, кој вели „Никогаш не треба да преговараме од страв, но и никогаш не треба да имаме страв да преговараме“, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на РМ.

„Новата Влада воведе многу мерки кои треба да создадат повторно доверба меѓу другото и со Грција, но и со Бугарија. Сметам дека тоа е токму точниот правец, ова беше потребно. Сигурен сум дека македонската Влада и понатаму ќе работи на намалување на тензиите и на градењето на доверба. Ако се пружа раката за дијалог и јас имам очекување од другата страна тие партнери да ја прифатат пружената рака. Никој надвор од Македонија и надвор од Грција не го разбира спорот за името кој е комплетно лудило“, изјави Михаел Рот, државниот секретар во МНР на Германија.

Поддршката од Вашингтон, Скопје очекува најдиректно да се манифестира на Собирот во Подгорица. Позитивните сигнали од ЕУ се очекуваат веќе утре во Трст каде врвот на Унијата ќе се состане со лидерите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG