Линкови за пристапност

ВМРО - ДПМНЕ го блокира разрешувањето на обвинителот Зврлевски


Новата Влада предводена од СДСМ најави дека реформите во правосудството почнуваат токму од смената на Јавниот обвинител на Република Македонија.

Марко Зврлевски останува јавен обвинител на Република Македонија барем уште неколку дена бидејќи триесетина пратеници од опозицијата побараа збор непосредно пред да дојде на дневен ред точката за негово разрешување. Оваа стратегија пратениците од ВМРО – ДПМНЕ веќе еднаш ја применија при изборот на претседател на Собранието и со тоа ја стопираа работата на Парламентот.

Во Собранието веќе три дена трае шестата седница каде пета точка на дневен ред е гласањето за разрешување на Зврлевски.

Триесет и пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ денеска се пријавија за збор за четвртата точка на дневен ред каде треба да се дискутира околу давање дозвола на Народниот правобранител Иџет Мемети можност сам да вработува, неврзан со законите за јавна и државната администрација.

Ако се земе во обзир дека секој од пријавените пратеници има право и на реплики и процедурални забелешки гласањето за разрешувањето на Зврлевски може да се одолговлечи и да се случи во текот идната недела.

Засега своите кандидатури за шеф на Јавното обвинителство најавија адвокатот Ѕвонко Давидовиќ и поранешниот обвинител и судија Александар Наков.

„Го повикувам Јавниот обвинител Марко Зврлевски веднаш да си поднесе оставка“, изјави премиерот Зоран Заев еден час откако му беше доделен мандатот. „Реформите во правосудството ќе почнат токму со обвинителството“, нагласуваше премиерот во своите изјави.

Меѓутоа обвинителот Зврлевски не си поднесе оставка па за неговото разрешување прво одлучуваше Советот на обвинители. Претседателот Петар Аневски, кој изјави дека негов личен став е дека Зврлевски е перфектен обвинител, го стави предлогот на Владата на гласање и тој мина со огромно мнозинство.

СДСМ со години наназад го посочуваше Зврлевски како продолжена рака на нивните политички опоненти и човек кој ги штити криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие наведуваа примери за неговата селективност при отворање на постапките, а најмногу критики предизвика инертноста на обвинителството кое тој го раководи околу доказите за нелегалното прислушување кои им беа доставени. Обвинителството со месеци не најде ниту еден доказ за корупција и злоупотреби на функциите во истрагите кои ги отвори, а кои без поврзани со нелегалното прислушување.

Последен во низата скандали беше со грчката фирма „Актор“ која го гради автопатот Демир Капија - Смоквица. Грчките власти објавија дека отвориле истрага против „Актор“ за перење пари во висина од 50 милиони евра. СДСМ уште во 2014-та година достави докази дека претставници на грчката фирма испумпуваат средства и перат пари, но Обвинителството го држеше предметот „под мраз“ и на крај го затвори бидејќи не откриле ништо сомнително.

ВМРО-ДПМНЕ, уште од самиот почеток, се стави во одбрана на Зврлевски обвинувајќи го СДСМ за притисок. Од партијата соопштија дека позадината на барањето за разрешување е спас од одговорност за предметите кои се водат против функционери од оваа партија. Поддршката за Зврлевски иако официјално никогаш не беше соопштена во јавноста денеска продолжи со одолговлекување на работата на Собранието.

Марко Зврлевски беше именуван за Јавен обвинител во јануари 2013-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG