„Потпретседателот на САД доаѓа во Црна Гора, а ние ќе бидеме ко-домаќини бидејќи сме претседавачи со Јадранската група и на 2-ри август ќе бидеме ко-домаќини на потпретседателот Пенс“, вели Министерот за надворешни работи,Никола Димитров.
Изјавата на шефот на дипломатијата дојде како потврда на владиното соопштение дека за помалку од еден месец ќе има средба на највисоко ниво меѓу администрацијата во Вашингтон и новата македонска влада. Според наши информации собирот во Подгорица првично бил планиран да се одржи во Скопје, но поради политичката ситуацијата во земјава пред неколку месеци е решено локација да биде главниот град на Црна Гора. Владини извори за „Гласот на Америка“ присуството на американскиот потпретседател го сметаат за охрабрување за регионот и сигнал дека Вашингтон останува посветен на политиката за отворени врати на НАТО. Што мислат експертите?
„Добра прилика за на највисоко ниво, сепак се работи за потпретседател на САД, зашто неговите ставови, препораки за тоа како РМ да ги надмине сите овие пречки и критериуми за членство ќе имаат тежина и влијание“, рече претседателот на Евро-Атланскиот совет, Исмет Рамадани.
Според него, првите чекори на новата влада се охрабрувачки дека навистина сака придвижување во евроатлантските процеси во кои освен домашните обврски, клучен е проблемот со името. Затоа за Рамадани посетата на шефот на дипломатијата на Атина била добар потег. Што донесе оваа средба – Димитров образложуваше во собранието.
„Апелирав Атина да размисли каков сосед сака да има и да инвестира во нашите билатерални односи дозволувајќи Македонија да влезе во НАТО под привремената референца“,рече Министерот за надворешни работи,Никола Димитров.
„Мислам дека доаѓа период кога притисокот ќе биде насочен кон Грција да добиеме покана под ПЈР Македонија“, додаде претседателот на Евро-Атланскиот совет, Исмет Рамадани.
Важен сегмент во идејата Грција да се најде под силен притисок од Вашингтон, Брисел и Берлин е и земјата да се посвети на реформите. Владата денеска го претстави акцискиот план наречен 3-6-9 кој содржи задачи што треба да се завршат во рок од 3, 6 или 9 месеци со чие затворање ќе се отежне меѓународната позиција на Атина.
Facebook Forum