Линкови за пристапност

СЈО бара притвор за Груевски; ВМРО-ДПМНЕ вели дека ова е напад врз партијата


Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека поднесува 17 обвиненија за 18 предмети кои досега беа во истрага

Еден ден пред истекот на законскиот рок, СЈО поднесе 17 обвиненија против поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, бизнисмени и новинари кои беа осомничени во истрагите кои ги отвори обвинителството. Предметите, доказниот материјал со обемната докуемнтација, спакувани во десетици кутии беа доставени во Кривичниот суд.

„Титаник“, „Тврдина“, „Тенк“, ТНТ“, „Тортура“, „Транспортер“, „Тифани“, „Тотал“, „Триста“, „Табла“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Тенк“, „Тарифа“, „Труст“, „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“ за кои јавноста слушаше со месеци, сега и официјално се на пат да добијат правна завршница.

„Ова Јавно обвинителство всушност работи само 10 месеци. Денешните обвиненија се резултат на истрајноста на мојот тим на обвинители зад мене. Јас и мојот тим сме цврсто убедени дека во соодветна судска постапка ќе докажеме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела кои им се ставаат на товар со поднесените обвиненија“, рече обвинителката Катица Јанева на поечтокот на прес-конференцијата.

Според официјалните информации на СЈО, поднесени се 17 обвиненија за 18 предмети, бидејќи случаите „Тврдина “и „Таргет“ се споени во еден.

Со обвиненија се опфатени 94 лица и 7 фирми, а СЈО бара притвор за 18 обвинети и мерки на претпазливост, односно одземање на пасошите за 47 лица. Обвинетите во овие предмети се товарат за над 20 различни кривични дела вклучувајќи злосторничко здружување, даночно затајување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, повреда на избирачкото право и уништување на изборен материјал.

Притворот за поранешниот премиер и лидер на најголемата опозициска партија, Никола Груевски е побаран во случајот „Титаник“ каде тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право. Тој е обвинет во уште четири предмети – „Траекторија“, „Тенк“, „ТНТ“и насилство пред Општина Центар. Во овој предмет притвор се бара и за поранешните генерални секретари на партијата Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

За поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување Сашо Мијалков, притвор се бара во предметот каде се споија случаите „Тврдина“ и „Таргет“. Покрај него притвор се бара и за началникот на Петата управа во УБК, Горан Грујовски. Мијалков е обвинет и во предметите „Трезор“, „Титаник“ и „Тортура“.

СЈО бара притвор и за поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска за предметот „Тендери“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски за предметот „Траекторија“ и за новинарот Драган Павловиќ Латас за предметот „Тотал“.

Клучниот случај кој предизвика најмногу внимание во јавноста „Талир“ кој се однесува на нелегалното финансирање на партијата ВМРО- ДПМНЕ и перење пари каде е осомничено речиси целото раководство на партијата не доби обвинителен акт.

„Логично е, некој што водел незаконска кампања во изминатите осум години, не може некој за еден месец да ги истражи сите дејствија кои треба да им се стават на товар на обвинетите. Сериозноста, обемноста и сложеноста на предметот кој се истражува, како и незаконските дејствија за кои постојат основани сомненија дека се сторени и сè уште постојат и упатуваат на потребата од натамошно спроведување на истрагата за која по преземање на сите неопходни дејствија ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде информирана“, рече Јанева.

Таа соопшти дека истрагите продолжуваат и покрај тоа што рокот завршува. Јанева и нејзиниот тим ќе продолжат да работат се до истекот на мандатот на СЈО а доколку соберат доволно докази тие ќе бидат доставени до Јавното обвинителство.

Десетиците кутии полни со документација и докази беа пренесени во скопскиот Кривичен суд. Според законските прописи судот има рок од 24 часа да соопшти што ќе прави односно дали ќе ги прифати барањата на СЈО или не. За тоа ќе одлучуваат двата кривични совета во судот кои имаат рок од 24 часа да одлучат за секое од барањата за притвор. Обвинетите за кои ќе падне одлука за мерка притвор, ќе мора веднаш да бидат уапсени и спроведени во истражниот затвор.

„ВМРО-ДПМНЕ е нападнато“, изјави Никола Груевски на прес- конференцијата која се одржа неколку часа по поднесувањето на обвиненијата.

„Ова што СЈО го прави е срам и кукавички чин. СЈО не е обвинителство, туку политичка канцеларија на СДСМ. Јас ќе им порачам дека нема да не` скршат, ние остануваме на бедемот на државата. Нашиот грев е што 11 години бевме на браникот на одбраната бранејќи го интересот на државата“, рече Груевски.

Тој обвини дека биле нападнати и судии, членови на ДИК, новинари, поради критичко опсервирање на новата власт и порача дека конструктивноста во дејствување на ВМРО-ДПМНЕ завршува веднаш.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG