Линкови за пристапност

СЈО бара притвор за Груевски


Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека поднесува 17 обвиненија за 18 предмети кои досега беа во истрага

Еден ден пред истекот на законскиот рок, СЈО поднесе 17 обвиненија против поранешни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, бизнисмени и новинари, коишто беа осомничени во истрагите кои ги отвори обвинителството. Предметите, доказниот материјал со обемната документација, спакувани во десетици кутии беа доставени во Кривичниот суд.

„Титаник“, „Тврдина“, „Тенк“, ТНТ“, „Тортура“, „Транспортер“, „Тифани“, „Тотал“, „Триста“, „Табла“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Тенк“, „Тарифа“, „Труст“, „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“, за кои јавноста слушаше со месеци, сега се на пат да добијат правна завршница.

„Законот со кој беше формирано Специјалното јавно обвинителство беше донесен на 15-ти септември 2015-та година, но ова Јавно обвинителство всушност работи само 10 месеци. Оттука, денешните обвиненија се резултат на истрајноста на мојот тим на обвинители зад мене“, рече обвинителката Катица Јанева на почетокот на прес- конференцијата.

Според официјалните информации на СЈО, поднесени се 17 обвинителни акти за 18 предмети, бидејќи случаите „Тврдина “и „Таргет“ се споени во еден.

Со обвиненија се опфатени 94 лица и 7 фирми кои биле инволвирани во финансиски малверзации, а СЈО бара притвор за 18 обвинети и мерки на претпазливост односно одземање на пасошите за 47 лица. Тие се товарат за над 20 различни кривични дела, вклучувајќи злосторничко здружување, даночно затајување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, повреда на избирачкото право и уништување на изборен материјал.

Притворот за поранешниот премиер и лидер на најголемата опозициска партија, Никола Груевски, е побаран во случајот „Титаник“, каде тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право. Во овој предмет притвор се бара и за тесното раководство на партијата, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

За поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување, Сашо Мијалков, притвор се бара во предметот каде се споија случаите „Тврдина“ и „Таргет“.

Покрај него, притвор се бара и за началникот на Петата управа во УБК, Горан Грујовски.

СЈО бара притвор и за поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска за предметот „Тендери“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, за предметот „Траекторија“ и за новинарот Драган Павловиќ- Латас за предметот „Тотал“.

Клучниот случај кој предизвика најмногу внимание во јавноста - „Талир“, кој се однесува на нелегалното финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и перење пари каде осомничено е речиси целото раководство на партијата, не доби обвинителен акт.

„Би сакала да ја информирам јавноста, дека истрагата за предметот познат под името „Талир“, кој го истражува начинот на кој незаконски се финансирала една политичка партија во Република Македонија, ќе продолжи и во претстојниот период. За предметот „Талир” истражната постапка беше отворена пред нешто повеќе од еден месец“, рече Јанева.

Таа соопшти дека истрагите продолжуваат и покрај тоа што рокот завршува. Таа и нејзиниот тим ќе продолжат да работат се` до истекот на мандатот на СЈО, а доколку соберат доволно докази тие ќе бидат доставени до Јавното обвинителство.

Веднаш по завршувањето на прес-конференцијата, десетиците кутии полни со документација и докази, беа пренесени во скопскиот Кривичен суд. Според законските прописи, судот има рок од 24 часа да соопшти што ќе прави, односно дали ќе ги прифати барањата на СЈО или не. За тоа ќе одлучуваат двата кривични совета во судот кои имаат рок од 24 часа да одлучат за секое од барањата за притвор. Обвинетите за кои ќе падне одлука за мерка притвор, ќе мора веднаш да бидат уапсени и спроведени во истражниот затвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG