Линкови за пристапност

Хан задоволен, очекува дијалогот да остане во институциите


Еврокомесарот повтори дека претстои многу работа, а премиерот Заев најави акциски план за спроведување на реформите

„Европската Унија не е далечен сон, туку реалност која ни` е на дофат“, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан.

Итно спроведување на реформи во неколку сектори е клучот за одблокирање на статусот на Македонија и старт на преговорите за членство во Европската Унија, е заклучокот што го потврдија и Заев и Хан по завршувањето на седницата на Владата каде беше прецизиран работен документ за итните реформски приоритети.

На седницата Хан беше запознаен со подготовката на акциски план, наречен „Патоказ“ кој треба да се финализира до 1 јули, а во кој се прецизирани предвидените реформи со кои ќе бидатопфатени владеењето на правото, професионалните државни институции, независните регулаторни тела и слободата на медиумите, области кои беа нотирани во извештајот на експертската група на Европската Комисија предводена од Рајнхард Прибе, но и кои произлегуваат од Пржинскиот договор.

„Дефиниравме краткорочни, среднорочни и долгорочни реформски цели, со коишто имаме намера, на есен, ЕК да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на претпристапните преговори, а во текот на следната година земјите членки на Унијата да ги фокусираме на дискусија за утврдување датум за почеток на претпристапни преговори на Европската Унија со Република Македонија. Остварувањето на реформските приоритети за ЕУ, ќе значи отворање и на вратите на НАТО“, соопшти премиерот Заев и побара од опозицијата да се вклучи во процесот на реформи.

Еврокомесарот Хан истакна дека е задоволен од тоа што го гледа и од динамиката со која се работи но појасни дека реформите се потребни за да се содзадено модерно општество и држава која ќе работи во интерес на граѓаните, а не само за да се задоволат претставниците на Европската Унија.

„Среќен сум што што гледам демократска транзиција и посветеност на новата влада на реформите. ЕУ е подготвена да ја поддржи земјата за спроведувањето на итните реформски приоритети и нејзино враќање на патот на евроатлантските интеграции“, изјави Хан.

Еврокомесарот нагласи дека овојпат очекува политичката дискусија да се одвива исклучиво низ институциите на системот.

„Местото на дискусијата е во парламентот. Се надевам дека за разлика од минатото, овојпат ќе имаме дискусија што ќе се води во Собранието. Јас ја поздравувам одлучноста на владата да работи со опозицијата и за важните прашања да се постигне консензус“, рече тој.

Хан повторно ја истакна исклучителната важност на реформите и затоа ја најави и посетата на експертот Рајхард Прибе и неговиот тим кои треба да асистираат и помогнат во процесот на нивното спроведување.

На крајот од своето излагање, еврокомесарот се осврна и на меѓусоседските односи кои се многу битни во процесот на евроинтеграцијата и ги пофали позитивните чекори на Владата преку официјалните посети на Атина и Софија.

Посетата на Хан попладнево продолжи со средби со лидерите на парламентарните партии од кои тој побара поддршка за реформскиот процес.

Од ВМРО-ДПМНЕ се огласија со соопштение во кое стои дека партијата ќе ги поддржи сите реформи кои се во интерес на граѓаните.

„Главна цел на Владата на СДСМ не треба да биде само добивање позитивен извештај, какви што Македонија имаше пред политичката криза, туку позитивна препорака за почеток на преговори за членство во Европската Унија. ВМРО- ДПМНЕ сака да ја види државата што поскоро како членка на ЕУ и НАТО, што и впрочем и го заслужи, нешто што беше констатирано на самитот на НАТО во Букурешт во 2008­-та година, како и во 2009­-та година од страна на ЕУ.­ Доколку тогаш државата станеше членка на НАТО и отпочнеше разговори со Европската Унија многу од предизвиците со кои се соочи, немаше да се случат“, е ставот на најголемата опозициска партија.

Од ДУИ пак информираа дека било разговарано за интегративните процеси, реформите во судството, соработката со опозицијата и сите прашања кои произлегуваат од Пржинскиот договор.

„Го уверив господинот Хан дека ДУИ стои силно зад сите договори кои што ги постигнала и потпишала. ДУИ ќе опстои на сите договори кои се постигнати за коалиција и ќе ги превземеме сите чекори потребни за да бидеме што поблиску до реализација на сите прашања кои не доближуваат до Европската Унија“, изјави лидерот Али Ахмети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG