Линкови за пристапност

Американската армија ќе вежба на Криволак


Локацијата нуди услови слични на оние во Авганистан

Контингент на американската армија кон крајот на идниот месец ќе пристигне во Македонија, каде заедно со АРМ ќе изведат неколкудневна воена вежба на полигонот Криволак. Владата на вчерашната седница официјално даде зелено светло.

„Владата одлучи да дозволи мирољубив влез на вооружени сили од САД, за вежбовни активности на Криволак. Станува збор за прва ваква вежба во Македонија и можност нашата држава да покаже логистичка подготвеност за одржување и други вакви регионални вежби во иднина што се оценува дека е добар сигнал и во рамки на НАТО-аспирациите на Македонија“, стои во соопштението на Владата.

Станува збор за релативно голем контингент од неколку стотини војници и стотина оклопни возила од Вториот коњанички полк на американскаста војска кој е стациониран во градот Вилсек во Германија.

Ова го потврди и специјализираниот официјален медиум на американската армија кој објави дека контингентот се подготвува за пат од 2.200 километри за да учествува на воена вежба во Македонија.

За да се подготват за патувањето до полигонот Криволак, американските војници веќе почале со подготовки и симулации за можните проблеми. За многу инженери, кои се релативно нови во американската армија, ова ќе биде нивна прва голема вежба.

„Некои од нашите војници немаат многу искуство зад воланот, па затоа сакавме да се увериме дека знаат како да ги одржуваат возилата и да реагираат соодветно во криза. На долг конвој како овој, може да се случи нешто. Мора да бидеме сигурни дека тие се подготвени“, кажа потполковникот Колби Стит за армискиот магазин „Старс енд страјпс“ .

Од Генералшатбот на АРМ, за Гласот на Америка соопштија дека оваа голема воена вежба била договорена минатата година при посетата на командантот на копнените сили на САД за Европа, генералот Фредерик Бен Хоџис. Вежбата која има кодно име „Драгон Рајд“ ќе трае неколку дена и во неа ќе учествуваат исклучиво инженериските единици на двете армии. Американскиот контингент ќе биде поброен од контингентот на АРМ.

На полигонот Криволак со години наназад се изведуваат заеднички вежби на македонската и американската армија, но и со силите на НАТО чии последни подготовки се токму тука. Полигонот Криволак има специфичен терен и временски услови, особено во летните месеци, поради што многу на наликува на условите во Авганистан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG