Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по средбата со македноскиот премиер Зоран Заев во Брисел, изјави дека вратите на НАТО се отворени за Македонија. Тој потврди дека единствен проблем е името и додаде дека влезот на нашата држава во Алијансата под привремената референца БЈРМ зависи од Грција.
Од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, веднаш по средбата Заев-Столтенберг излегоа со својот став - дека нашата држава ги исполнува сите услови и затоа не смее идентитетот воопшто да се доведе во прашање или да стане предмет на преговори.
„Очекуваме дека Зоран Заев и неговата влада ќе го исполнат ветувањето коешто им го дадоа на граѓаните на Република Македонија, за брз влез во НАТО и брз влез во ЕУ, притоа не задирајќи во идентитетските прашања, воедно не правејќи договори на штета на македонскиот народ и македонската држава“, рече Влатко Ѓорчев.
Од партијата сметаат дека министерот за надворешни работи Никола Димитров, не смее да отстапи од веќе дефинираните највисоки државни и национални интереси - членство во евро-атлантските структури и одбрана на македонскиот идентитет.
Од ДУИ пак повторија дека имаат позитивни очекувања околу членството на Македонија во НАТО, но и дека според досега постигнатото, државата требала уште многу одамна да биде дел од Алијансата.
„Ние како Албанци, сите сме за Македонија во НАТО и за постигнување компромис околу името кој е прифатлив за сите страни. Треба час поскоро да станеме дел од НАТО, бидејќи Македонија е на крстосница на која се судираат интересите и на Русија. Ние немаме ништо против Русија, но нашата држава припаѓа во евроатланското семејство“, изјави престедателот на ДУИ, Али Ахмети.
Со свој став се огласи и партијата ГРОМ. За нив нема промена на име ниту пак референдум, кога станува збор членството во Алијансата.
„Како што Грција има свои црвени линии, така и македонската влада треба да има свои црвени линии. Според оценките на ГРОМ, колку што нам ни` треба НАТО, исто толку ние му требаме на НАТО, заради се` поголемото руско влијание во регионот“, изјави Ѓорѓи Чакарјаневски.
Ставот на Грција е ист со години, а тоа вчера го потврди и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој повтори дека нема отстапување од црвените линии на Грција и нема простор за надеж за членството на Република Македонија во НАТО ниту под привремената рефернца БЈРМ.
Facebook Forum