„Ќе обединувам, а нема да делам, ќе составувам, нема да кршам, ќе обезбедувам перспективи, нема да изолирам. Ќе бидам вашиот премиер без разлика дали на избори сте гласале за мене и за мојата партија на која и припаѓам и за мнозинството во Собранието или не. Но, барам од вас почит како што јас ве почитувам сите вас“, рече мандатарот Заев во своето дваесетминутно експозе пред пратениците во Собранието на РМ.
На денешната седница тој го претстави својот избор на министри, но и програмата на Владата која ќе ја предводи.
Заев потенцираше дека станува збор за реформска влада која ќе се темели на три принципи, правда, еконимија и интеграција во ЕУ и НАТО.
Во фокусот на владата, како што рече Заев, ќе биде развојот на економијата и стандардот на граѓаните. Програмата предвидува раст на економијата од 5 отсто, зголемување на минималната плата на 16.000 денари, поддршка на малите и средните претпријатија, мерки за вработување со што би се спречило заминувањето на младите. Во програмата стои и дека ќе има промени во даноците, укинување на радиодифузната такса и враќање на ефтината тарифа за струја.
Она што привлече многу внимание е најавата за формирање на Специјално одделение во скопскиот Кривичен суд, кое ќе работи исклучиво на предметите кои ги отвори СЈО и деблокирање на работата на ова обвинителство.
„ Со реформата во правосудството, а Македонија ќе биде правна држава за сите“, рече Заев.
Еден од приоритетите на Владата ќе биде и создавање на контролен механизам на системите за следење на комуникациите.
Тој вети дека нема да има реваншизам особено во државната администрација.
„Македонија е созреана за нов начин на водење политика - политичарите да им служат на граѓаните. За да има слобода, партиите мора да ги трнат рацете од државата. Македонија мора да биде и ќе биде држава на сите граѓани. Им подавам рака на сите. Повикувам на трпение смиреност и одлучност“, рече Заев на крајот од своето експозе.
На седницата присуствуваа сите пратеници од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ заедно со лидерот Никола Груевски. Во нивните говори најавија дека учествуваат во работата на Собранието пред се` за да ја контролираат новата влада да не направи ниту една постапка што ќе биде штетна за државните и националните интереси на Македонија. Тие веднаш упатија критики до Заев бидејќи сметаат дека неговата Влада ќе ја одликува селективна правда, купен соживот, економија на кредит и слаби економски резултати.
По финиширањето на преговорите и распределбата на министерствата СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците викендов ги соопштија изборите за министри.
Десетте министерства кои ќе доби СДСМ ќе ги раководат: Радмила Шекеринска - одбрана, Оливер Спасовски - внатрешни работи, Мила Царовска - труд и социјална политика, Драган Тевдовски - финансии, Никола Димитров - надворешни работи, Љупчо Николовски - за земјоделство, Роберт Алаѓозовски - за култура , Рената Тренеска Десковска - за образование и наука, Горан Сугаревски - за транспорт и врски, Дамјан Манчевски - за информатичко општество и администрација.
За министри без ресор се предложени Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Едмонд Адеми, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ, Зорица Апостоловска и Кочо Анѓушев кој би бил и вицепремиер за економски прашања.
ДУИ пак ги предложи Садула Дураку - животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши - економија, Билен Саљији - правда и тројца без ресор, кои ќе имаат вицепремиерски функции. Тоа се Хазби Лика за спроведување на Рамковниот договор, Бујар Османи за евроинтеграции, и Рамиз Мерко.
Алијанската на Албанците доби две министерства. Арбен Таравари ќе води здравство, а Сухејл Фазлиу Министерството за локална самоуправа.
Според собранискиот деловник, Владата треба да биде избрана два дена по стартот на седницата, односно најдоцна до утре на полноќ. За да биде избрана, потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник. Во моментов парламентарното мнозинство брои еден глас повеќе или 62-ца пратеника.
Facebook Forum