Линкови за пристапност

Беса оди во опозиција, СДСМ и ДУИ формираат Влада


Барањето за редефинирање на државата е причината поради која нема договор со БЕСА. ДУИ веќе излегоа со неколку имиња за министри, а по вечерашниот состанок на Бихаќка се очекува тоа да го сторат и СДСМ

Партијата Беса дефинитивно нема да биде дел од новата реформска Влада која ќе ја предводи лидерот на СДСМ, Зоран Заев. По неколкудневни преговори на највисоко ниво, двете партии не постигнаа договор.

Од Беса попладнево официјално соопштија дека одат во опозиција.

„Беса ја информира јавноста дека таа нема да биде дел од идната влада. Мандатарот за формирање влада не беше подготвен да ги прифати принципите за заедничко владеење со Беса и за истите да потпише заеднички договор“, изјави претседателот на партијата Биљал Касами.

Барањата на Беса беа во владата да нема лица кои се осомничени од Специјалното Јавно Обвинителство, заедничко владеење, балансирана власт и редефинирање на државата за што бараа писмени гаранции од Заев.

Во текот на преговорите Беса не попушти во ставовите, особено во делот за редефинирање на државата, а тоа пак беше неприфатливо за СДСМ.

Касами изјави дека петте пратеници на Беса нема да гласаат за Владата на СДСМ и ДУИ, пред се` поради кадровските решенија на ДУИ за кои сметаат дека немаат потенцијал и искуство да бидат во реформска Влада.

Тој додаде дека Беса ќе продолжи да биде конструктивен фактор останувајќи, како што рече, заштитник на Албанците, но и на граѓанските интереси во државата.

“Без оглед на тоа што останува опозициска партија таа ќе ја поддржи секоја иницијатива што ќе биде во полза на Албанците и државата, а во насока на имплементација на потребните реформи”, рече Касами.

ДУИ вчера вечер, по седницата на претседателството соопшти неколку имиња кои треба да ги водат ресорите кои ќе ги добие партијата. Меѓу нив се и Хазби Лика, Садула Дураку и Рамиз Мерко, кои уште од самиот старт не минаа добро во јавноста и нивното именување беше критикувано. Лидерот на ДУИ Али Ахмети, цврсто застана зад изборот и го поддржа.

Вечерва во СДСМ е закажана седница на Централниот одбор на која ќе се одлучи кој ќе ги води ресорите кои и припаднаа на оваа партија. Засега сигурно е дека во Владата ќе бидат Шеќеринска и Спасовски.

Очекувањата и најавите се дека вечерва ќе биде заклучена листата на министри во идната Влада и предлогот утре ќе биде доставен до Собранието.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG