Линкови за пристапност

Составот на новата Влада ќе биде соопштен во понеделник


Зоран Заев реизбран за лидер на СДСМ. Радмила Шеќеринска останува заменик-претседател на партијата

Зоран Заев ќе ја води СДСМ во наредните четири години. Вака одлучија делегатите на 22-oт Конгрес на партијата што се одржа денеска во Скопје. Заменик-претседател на партијата останува Радмила Шеќеринска. На тајното гласање Заев и Шеќеринска беа избрани со огромно мнозинство од делегатите присутни во салата.

„Пред нас е долг пат. Барам од вас да продолжите да верувате и да работиме темелно. Да создадеме општество на еднакви вредности и шанси. Тоа е патот до ЕУ и НАТО. Македонија има со што да се гордее, граѓаните со пенкало урнаа режим и се на чекор до нова влада. Направивме многу, ќе направиме уште повеќе, подготвен сум на тој пат. Уште оваа вечер подгответе се на патувањето наречено живот. Да го донесеме животот во Македонија за сите“, рече Заев веднаш по неговиот реизбор.

На денешниот Конгрес беа избрани и новите членови на Централниот и Надзорниот одбор. Централниот одбор брои 116 члена додека Надзорниот девет.

Според статутот на партијата, треба да се изберат и четворица потпретседатели и Извршен одбор. Тоа ќе се случи во текот на идната недела откако преговорите за новата влада ќе завршат.

„Четворицата потпретседатели и членовите на Извршниот одбор ги предлага претседателот на партијата. Тие се од редовите на Централниот одбор. Мислам дека предлозите ќе бидат соопштени во текот на идната недела“, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Во својот говор на почетокот на Конгресот, Заев порача дека ова е нов почеток и вети општество со еднакви услови и можности за сите. Тој им се заблагодари на граѓаните кои гласаа за промени.

„За првпат во политичката историја во Македонија и пошироко, граѓаните одлучија на избори да градат партнерство со една партија, базирано на принципи, одговорност, демократија. Така победивме. Заедно. Затоа, во мое и во ваше име, денеска до граѓаните изразувам длабока и искрена благодарност. Нема да дозволиме да се повтори злото што им го направи раководството на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните и на државата. И наша цел е, за граѓаните и за државата, да ги обезбедиме евро-атлантските перспективи“, кажа тој.

„ За да знаеме како живеат луѓето треба да сме меѓу нив. Вистинскиот живот е по маалата, парковите, на пазарите, во маркетите, во кафулињата. На нивите, во болниците, во училиштата, на шалтерите во институциите. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Ние работиме за нив “, им порача Заев на сопартијците.

Од делегатите тој побара поддршка и им порача дека нивната работа почнува токму сега.

На денешниот конгрес беа присутни и поранешниот претседател на партијата Бранко Црвенковски, кој седеше во првиот ред, Теута Арифи, Невзат Бејат и Изет Меџити од ДУИ, претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, Стојанче Ангелов од Достоинство и претставници на сестрински партии од регионот и ЕУ.

На Конгресот дојде и претседателот на БЕСА, Биљал Касами. Преговорите меѓу СДСМ и БЕСА се без напредок, наводно поради тврдите ставови на БЕСА и барањата за редефинирање на државата. Времето за договор е речиси истечено, бидејќи Заев најави дека составот на кабинетот ќе го соопшти во понеделник кога и ќе го достави во Собранието на гласање. Според информациите на Гласот на Америка, утре ќе има уште една средба меѓу СДСМ и БЕСА но кај двете страни речиси и да нема некаков оптимизам околу постигнување на договор и учество на БЕСА во идната Влада.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG