Линкови за пристапност

Кој е бомбашот од Манчестер?


Џихадист роден во Британија стои зад најголемиот терористички напад кој се случи во Манчестер. Ова е најголем бомбашки напад изминатата деценија во кој загинаа 22 лица, а беа повредени 59, по концертот на американската поп-ѕвезда Аријана Гранде.

Веднаш откако британската влада го подигна нивото на терористичка закана на „критична ситуација“, започнаа да се појавуваат детали за 22-годишниот бомбаш-самоубиец Салман Абеди, со либиско потекло, и неговите наводни врски со добро познат регрутер на терористичката организација Исламска држава како и други познати џихадисти.

Тој неодамна се вратил во Британија откако бил во Либија, каде останал три недели, а бил во посета на неговото семејство. Извори од британската полиција велат дека патувањето ја зголемило можноста тој да се сретне со членови на терористичките организации во оваа северно-африканска земја, кои им даваат инструкции и обука.

Соседите го опишуваат како опседнат фудбалски љубител на „Манчестер Јунајтед“ и страстен вљубеник во компјутерските игри.

Според нив, кај него не биле забележливи знаци на радикализација. Британските безбедносни служби признаваат дека Абеди им бил познат, во некои нивни извештаи тој е нотиран како информатор, но на него не се гледало како на лице од висок ризик.

Други пак, го опишале како млад човек полн со бес, кој го осудил лидерот на локалната џамија кој ја критикувал ИД. Тие велат дека тој почнал отворено да се моли на улиците.

Мохамед Саед, локален имам, изјавил за британските весници дека Абеди престанал да доаѓа во неговата џамија од 2015-та година, откако настанала расправија околу ИД.

„Салман доаѓаше во џамијата повремено, но не беше пријателски расположен со мене, бидејќи не му се допаѓаа моите проповеди против ИД. Нему не му се допадна она што јас го кажувам. Оттогаш доаѓаше во џамијата поретко“.

Абеди е роден во Манчестер во 1994-та година, трет од вкупно четири деца, три момчиња и едно девојче. Неговите родители биле либиски емигранти, кои се доселиле во северниот англиски град по бегството од режимот на Моамер Гадафи во 1980-та година.

Неговиот татко, Рамадан Абеди, поранешен припадник на обезбедувањето на аеродромот во Манчестер, се вратил во Либија во 2011-та година, за да се приклучи на востанието против либискиот автократ.

По соборувањето на Гадафи, неговите родители минувале повеќе време во оваа северноафриканска држава, отколку во нивниот дом во Манчестер, што се наоѓа на помалку од две милји од местото каде се случи бомбашкиот напад во понеделникот.

Либиски емигранти во Манчестер, велат дека таткото на бомбашот немал време за џихадистичката идеологија. „Тој секогаш бил со конфронтирачки став за џихадската идеологија. Тоа за него било криминал. Ова, семејството тешко го погодило“, вели еден извор за локалните весници.

Според „Дејли мирор“, Абеди бил семеен пријател на Рафаел Хости, исто така познат како, Абу Кага Ал Британи, кој помагал да се ангажираат други млади Британци за Исламска држава преку социјалните медиуми, кога минатата година Ал Британи бил убиен во напад со беспилотни летала во Сирија. Извори од британската полиција велат дека неговите врски со Хости се истражувани од страна на контра-терористички функционери кои се плашеле дека Абеди може да биде дел од терористичка ќелија, и постоела зголемена загриженост за неговото патување во Либија пред нападот.

Од полицијата и понатаму се скептични дека Абеди сам да ја направил бомбата, што се смета за софистицирана.

Абеди посетувал локални училишта, а потоа заминал да студира бизнис и менаџмент во околниот Универзитет Салфорд. Во соопштението, портпаролот на универзитетот го опишал како студент кој се држел „под радарот“. Доаѓал на предавања две години, а потоа сосема престанал да доаѓа“.

Последнава година ипол, Абеди и неговиот постар брат, 23-годишниот Исмаил, биле активни на социјалните мрежи, фалејќи ги џихадистите. Полицијата го уапсила Исмаил во понеделникот, веднаш по експлозијата. Тој инаку предавал арапски во џамијата Дидсбури, а според локалните жители, бил пријавен во полицијата заради загриженоста во врска со она што тој го предавал.

Полицијата ги испитува и врските меѓу браќата, како и уште еден Либиец со британско потекло од Манчестер, Абдалрауф Абдала, кој бил осуден на девет години затвор заради финансирање и подготовка на терористички акти.

Некои аналитичари тврдат дека имало многу предупредувачки знаци во врска со Абеди.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG