Линкови за пристапност

Условни затворски казни за насилниците од Собранието


За делото за кое се товареа, учество во толпа, предвидената максимална казна е три години затвор.

Скопје – Деветмината кои први се најдоа на обвинителната клупа заради учество во насилствата во Собранието на 27 април, денеска излегоа задоволни и со насмевки од зградата на скопскиот Кривичен суд. Во експресно краток процес, судијата Милка Ангелевска – Василевска одлучи да им изрече условни затворски казни.

На почетокот на денешното рочиште сите обвинети изјавија дека се чувствуваат виновни и дека се каат за стореното притоа ветувајќи дека нема да го повторат делото.

Највисока казна доби првообвинетиот, прилепчанецот Димче Христовски – Жабата, кој е осуден на една и пол година затвор односно пет години условно. За останатите осуммина обвинети судот донесе идентични пресуди - 6 месеци затвор ако во следните една и пол година не направат кривично дело.

Во образложението на пресудата судијата Милка Ангелевска – Василевска рече дека „пресудата е сразмерна со здравствената и имотната состојба на обвинетите, со претходната неосудуваност, како и со признавањето на вината“.

Адвокатите од одбраната нема да ја обжалат пресудата за која сметаат дека е фер и правична.

„ Тие беа заведени од толпата, не сакаа никој да го оштетат и повредат, имаа доблест да го признаат делото што е за поздравување. Ја признаа вината и затоа беше санкцијата условна што сите ја прифатија едногласно“, изјави адвокатот Владо Докулевски.

Јавното обвинителство ги гонеше деветмината обвинети за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службена должност за кое е предвидена максимална казна затвор од три години. Оттаму немаше официјална информација дали ќе ја обжалат пресудата или пак се задоволни од сработеното.

Квалификацијата на делото од страна на обвинителството беше на удар на дел од експертската јавност која сметаше дека е преблага и дека не соодвествува со тоа што го сториле обвинетите.

Свој став околу пресудите имаа двете најголеми политички партии.

Според ВМРО - ДПМНЕ сега треба да им се суди и на пратеници на СДСМ.

„Денес судот им изрече пресуди на лицата кои учествуваа во физичко насилство во текот на вечерта на 27-ми април. ВМРО-ДПМНЕ очекува правосудните органи да изречат соодветни пресуди и за лицата кои беа одговорни за политичкото насилство и флагрантно кршење на Уставот, Деловникот и законот во собраниската сала“, рече пратеникот Драган Данев.

СДСМ пак смета дека со ова се докажало дека судството било под контрола на политичките опоненти.

„Денешните ослободителни пресуди за учесниците во толпата се криминал, срам и можеби еден од најцрните денови во историјата на македонското судство“ изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG