Општините од понеделник остануваат без градоначалници откако на денешната седница Уставниот суд одлучи да не поведе постапка по иницијативите на Министерството за локална самоуправа и на Светскиот македонски конгрес (СМК), за бришење на членовите од Законот за локална самоуправа и од Изборниот законик кои го ограничуваат мандатот на градоначалниците и на советниците на 4 години.
Уставните судии одлучија дека Судот не е надлежен да одлучува и дека за тоа единствено надлежен е законодавецот, односно Собранието.
„На Уставниот суд е да оценува дали содржината на одреден закон е во согласност со Уставот, а не да креира закони“, изјави судијата Елена Гошева.
Ова значи дека граѓаните, од понеделник, ќе се соочат со нови проблеми и тешкотии бидејќи во отсуство на градоначалник во општините ќе нема овластено лице да постапува по нивните барања и потреби.
Градинките и училиштата ќе работат непречено, но може да се појави проблем доколку се јави недостаток од кадар бидејќи сега нема да има кој да назначи нов. Ќе бидат запрени и исплатите на надоместоци за новороденчиња кои ги воведоа некои општини, бидејќи за нив е потребен потпис од градоначалникот.
Почнатите проекти ќе се завршат, но нови нема да има кој да одбори, така што инфраструктурата ќе остане таква каква што е. Уште еден сериозен проблем се и јавните набавки – тендерите кои ќе бидат стопирани се до избор на нов градоначалник.
„Противпожарните служби, поради непримање плата може да немаат услови за извршување на обврските. Нема да се издаваат градежни дозволи, околу 5.000 вработени во локалната самоуправа нема да примаат плата, над 10.000 вработени во јавни претпријатија и над 30.000 вработени во основните и средните училишта и градинките. Може да се доведе во прашање и испораката на вода, собирањето смет, како и склучувањето бракови, бидејќи официјални сведоци се членови на општинските совети. Ќе се стопира и развојот на бизнисите и фирмите бидејќи нема да се издаваат Б интегрирани дозволи, а може да се случи да нема и улично светло“, изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски кој е и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа - ЗЕЛС.
Експертите велат дека едно од решенијата е градоначалникот да овласти некое лице во општината да извршува дел од функциите додека не се избере негов наследник. Тоа мора да биде државен службеник односно раководител на сектор или негов заменик и тој ќе може да потпише исплата на плати и да реагира во ургентни ситуации.
Според законските прописи, нови локални избори може да распише претседателот на Собранието, меѓутоа Џафери не соопшти дали и кога планира да го стори тоа.
Јасно е дека избори нема да има пред октомври. Праксата избори да се одржуваат на пролет или на есен ќе се запази и овојпат, велат надлежните, а тоа се должи на фактот што во текот на летните месеци многу гласачи не се во државата.
По одлуката на Уставниот суд веднаш реагираа и Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.
„Министерството за локална самоуправа бара Собранието на Република Македонија во најкус можен рок со измени на Изборниот законик да обезбеди законски услови за решавање на настанатиот проблем и законско функционирање на органите“, соопштија од Министерството и додадоа дека веќе испратиле писмено барање и до спикерот Џафери.
Од ЗЕЛС пак побара Собранието најдоцна до петок да најде решение.
Локалните избори традиционално се одржуваа во првата половина на мај, но годинава поради политичката криза во која е државата и фактот што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин.
Facebook Forum