Линкови за пристапност

Поднесени првите обвиненија за насилствата во Собранието


Јавното обвинителство, по десет дена истрага, денеска поднесе обвинителен предлог против девет лица кои се осомничени дека учествувале во насилниот упад во Собранието и во нападот и претепувањето на пратениците

За нив обвинителите сметаат дека имаат доволно докази да ги гонат за учество во толпа која ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие за кое е предвидена казна од три месеци до три години затвор.

Во првата група на осомничени кои добија обвинение, се сите на кои им беше изречен притвор на 30-ти април, а на седуммина од нив притворот им истекува токму денес.

Од Обвинителството соопштија дека бараат продолжување на притвор само за двајца. За петмина се бараат мерки на претпазливост, односно одземање на пасошот и задолжително јавување во суд, а за еден притворот да се замени со куќен.

Денеска јавноста дозна и дека обвинителите ги отфрлиле полициските пријави против три лица. Според тимот од ОЈО, двајца осомничени биле погрешно идентификувани, а еден не го сторил делото за кое го товари полицијата.

Во досегашниот тек на истрагата, во Кривичниот суд, на осуммина им беше определен притвор, на тројца куќен притвор, а на шестмина мерки на претпазливост. Ниту една судска одлука не се разликуваше од она што го побарало Обвинителството.

МВР пак, во три наврати досега поднесе кривични пријави против 25 лица кои биле идентификувани дека учествувале во упадот во Собранието или претепувањето на пратениците.

Осомничените се товарат или за учество во толпа која ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие или за учество во толпа која ќе изврши кривично дело. За двете дела предвидената казна е од парична, до максимални пет години затвор, ако се докаже дека тие некому нанеле тешки телесни повреди.

Класификацијата на делата предизвика многу полемики во јавноста. Многу експерти сметаат дека е погрешна и дека станува збор за далеку потешки кривични дела. Од Обвинителството пак, велат дека доколку откријат нови докази ќе има преквалификација на делото.

„...Особено поради бројните шпекулации изнесени во однос на правната квалификација, ја известуваме јавноста дека согласно законот, правната квалификација за сторено кривично дело ја дава јавниот обвинител кој притоа се раководи од доказите што се прибрани до тој момент. Тоа значи дека доколку дополнително се пронајдат нови докази кои укажуваат дека определено лице извршило друго кривично дело, јавниот обвинител во текот на целата постапка може да изврши преквалификација или лицето да го гони и за други кривични дела“, стои во соопштението до јавноста.

Доколку тоа се случи, обвинителството ќе мора да реагира многу брзо бидејќи доколку падне пресуда, тогаш сите докази паѓаат во вода.

Кривични пријави засега нема против лицата кои ја отворија вратата, а за кои во јавноста се шпекулира дека се пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG