Линкови за пристапност

Деветмина во притвор за насилствата во Собранието


Дел од експертската јавност смета дека пријавите не се соодветни за делото кое е сторено. Хелсиншкиот комитет тврди дека се сторени 27 различни кривични дела. Претседателот Иванов замина во посета на Турција, а Заев и Џафери бараат тој да го испочитува законскиот рок и да го додели мандатот

МВР идентификуваше уште четири лица кои минатиот четврток упаднаа во зградата на Парламентот и учествуваа во насилствата во кои беа претепани неколку пратеници. Со ова бројката на осомничени против кои се поднесени кривични пријави се искачи на 22 лица.

„Поради констатирано постоење на основи за сомнение за сторено кривично дело - „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384 од КЗ на РМ од страна на лицата Д.Т. (42), Ѓ.М. (52) и Т.О. (52) сите од Скопје, како и кривично дело - „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл. 385 од КЗ на РМ од страна на лицето Н.П. (39) од Скопје, за истите СВР Скопје до Основно јавно обвинителство Скопје ќе поднесено посебно известување“, стои во соопштението на МВР.

Досега, лоцирани и приведени се петнаесетина осомничени кои беа изведени пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд, а на девет им е одреден притвор во траење од осум дена.

Меѓутоа, секојдневно во полициските станици се повикуваат граѓани за кои постои сомневање дека учествувале во насилниот инцидент. Така денеска, во полициската станица во Кисела Вода, беше повикан на разговор велешанецот Горан Ангелов, претседател на патриотското здружение „Андон Лазов Јанев - Ќосето“ кој можеше да се види на снимките кои беа емитувани во јавноста. Тој се појави во присутво на адвокат и по неколку часа беше пуштен да си замине. Засега против него нема никаква пријава. За време на распитот пред полициската станица се собраа дваесетина членови на здружението, но ниту еден од нив не сакаше да даде изјава или коментар. Педесетина роднини и пријатели на осомничени протестираа и пред зградата на Обвинителството тврдејќи дека тие само „ја бранеле татковината“.

Од МВР засега нема пријави за трите лица кои се идентификувани преку записите од безбедносните камери, а кои ги отстраниле заштитните греди на влезните врати од Парламентот и со тоа им овозможиле на демонстрантите да упаднат внатре. Неофицијално станува збор за тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од експертската јавност ги критикува МВР и Обвинителството поради начинот на кој е класифицирано кривичното дело за кое се товарат осомничените. Тие сметаат дека осомничениоте сториле далеку потешки дела од учество во толпа за кое е предвидена казна до три односно пет години затвор.

Во тој контекст денеска Хелсиншкиот комитет излезе со Посебен извештај во кој ги сумирале сите кривични дела кои според нив биле сторени за време на насилствата во Собранието. Извештајот содржи вкупно 27 кривични дела, од кои за 17 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомнение дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи - организатори, извршители, полициски службеници и нивни претпоставени.

Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли, денеска се сретна со лидерот на СДСМ во седиштето на партијата. На средбата било констатирано дека е неопходно демократските процеси да продолжат со формирање на нова реформска Влада, која ќе обезбеди стабилност и биле осудени насилствата во Парламентот.

„Парламентарното мнозинство по изборот на новиот собраниски претседател, ги презема следните чекори согласно Деловникот, Уставот и законите во процесот за формирање на новата реформска Влада. Очекуваме Ѓорге Иванов да постапи согласно уставните задолженија и да го даде мандатот“, рече Заев по средбата во седиштето на партијата.

Од амбасaдата на САД не излегоа со официјална информација околу средбата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, вчера испратил писмо до претседателот Иванов во кое го информира дека е формирано парламентарно мнозинство и е избран претседател со што му го отвара патот кон доделување на мандат.

„Мислам дека претседателот Ѓорге Иванов ќе го почитува уставниот рок од десет дена да го даде мандатот“, изјави Џафери за Гласот на Америка.

Ова го потврдија и од Кабинетот на претседателот, но реакција нема. Иванов денеска замина во официјална работна посета на Турција и се очекува да се врати во недела.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG