Линкови за пристапност

Побарано разрешување на Чавков, приведувањата продолжуваат, но и протестите


Бројот на осомничени за насилствата во Собранието се зголемува од ден во ден. Покрај лица со дебело криминално досие, меѓу осомничените се и полициски службеници и пратеници. Дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ почнуваат да се повлекуваат

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, поднел предлог до Владата за разрешување на Митко Чавков од функцијата, директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

„Враќање назад нема“, рече Нухиу на денешната прес-конференција и додаде дека со писмена наредба, го назначил Горанчо Савовски, државен советник во БЈБ, за координатор на оперативниот штаб во МВР.

„Дел од структурите на МВР во четвртокот предизвикаа голема штета на државата и на демократските вредности, но враќање назад нема, работите мора да се расчистат до крај, и секој ќе одговара за своите постапки. За да ја поправиме оваа штета ќе биде потребно време и ангажман, не само од МВР, но и од другите институции, како Јавното обвинителство и судството“.

Нухиу рече дека формирал работна група составена од професионалци во МВР, која треба да утврди дали оперативниот штаб и организационите единици во Министерствот постапувале според утврдените процедури пропишани во МВР за направени пропусти, пречекорувања на овластувањата или неизвршување на работни задачи и обврски, кога во четвртокот демонстрантите упаднаа во Собранието и тепаа пратеници од новото парламентарно мнозинство.

Агим Нухиу
Агим Нухиу

„Заклучоците на работната група ќе бидат дел од известувањето до Јавното обвинителство за натамошно постапување за работата на оперативниот штаб“, рече Нухиу и ги повика сите вработени во МВР активно да се вклучат и да доставуваат службени материјали за настаните во Собранието.

„На МВР му се потребни професионалци кои во иднина ќе бидат столб на оваа институција“, рече тој.

За насилствата во Собранието на 27-ми април досега се поднесени кривични пријави за вкупно 20 лица. Приведени се 12 од нив, а по осуммина се трага. На шестмина од приведените им е одреден притвор од осум дена, на едно лице мерка - домашен притвор, а за две лица мерка - претпазливост.

Тие се товарат за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие“ и „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Засега нема пријави против трите лица кои ја отстранија блокадата на влезната врата на Собранието, и им овозможија на демонстрантите да влезат внатре. Иако се идентификувани нивните имиња, се` уште не се официјално соопштени. Станува збор за тројца пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

До скопското Основно јавно обвинителство поднесени се и извештаи за лицата кои се организатори на протестот, како и за оние кои учествувале во отстранување на претходно поставената блокада на вратата од внатрешната страна од главниот влез на собраниската зграда.

„Продолжува деталната истрага за натамошно идентификување лица кои евентуално учествувале во нередите, вклучително и околу вчера откриената импровизирана експлозивна направа на првиот кат во зградата на Собранието на Република Македонија (плинска боца од 300 милилитри на која со селотејп лента биле залепени пиротехнички средства-петарди поставени една до друга)“, стои во соопштението од МВР.

Додека трае расветлувањето на настаните од четвртокот, дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ почнуваат да се повлекуваат.

Игор Дурловски, директорот на Македонската опера и балет (МОБ), кој заедно со Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски ги предводеше протестите, нема повеќе да биде организатор. Тој се огласи на својот Фејсбук профил велејќи дека дел сограѓани брутално го напаѓале поради разликите во ставовите за иднината на Македонија.

„Шеесет дена мирни, достоинствени протести со дел од моите сонародници и многу сум горд заради тоа. Верував дека со моето делување ќе можам нешто да променам, дека ќе успееме да ја зачуваме Македонија таква каква што ја знаеме - унитарна. Жал ми е што индиректно бев дел од насилството кое неколкупати јавно го осудив. Стотиците закани не ме уплашија, но тоа што ме скрши е што дел од моите сограѓани брутално ме напаѓаа поради разликите во ставовите за иднината на Македонија. Тие што ме познаваат знаат дека моите намери се чесни и од срце. Само времето може да покаже дали биле правилни“.

Дурловски на неговите „соборци“ им посака истрајност, а порача и дека редовно ќе биде на улица, но поддршката ќе ја дава „согласно сопствените морални убедувања и професионално делување“.

Од иницијативата „За заедничка Македонија“ најавуваат дека и понатаму продолжуваат протестите, противејќи се на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

„Ќе се обидат со се` да не разбијат. Со спинови, со навреди, со закани. Со етикетирања. Сакаат да нè нема од улиците, од нашиот пат, бидејќи се плашат од нас и бидејќи нашиот пат не е и нивни пат“, се вели во соопштението објавено на Фејсбук страницата на иницијативата.

Тие додаваат дека „борбата против окупаторот е единствена опција“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG