Линкови за пристапност

Утрински весник и Вест заминаа во историја


Најголемата издавачка куќа МПМ го допре дното а кризата врвот. Фирмата оди во стечај - педесетина новинари ќе останат на улица. На вработените им се должат плати. Менаџментот молчи и се крие од јавноста

"Утрински весник" и "Вест" се отпечатија за последен пат. По речиси две децении овие два медиума, кои беа дел од групацијата на "Медиа Принт Македонија" (МПМ) веќе не постојат. "Утрински весник" и "Вест" имаа огромно значење во развојот на професионалното истражувачко новинарство. Врвни новинарски пера ги водеа овие два медиума, а десетици новинари - професионалци се создадоа и созреаа во двете редакции.

Новинарите од двата весника вчера за последен пат протестираа против менаџментот и нивните лоши потези. Симболично, со шишиња во рацете, алудирајќи на скандалот на директорот Срѓан Керим. Тие веќе ги исчистија своите бироа. Некои од нив се таму од првиот ден, пред 18 години во "Утрински" и 17 во "Вест".

Новинарите ја лоцираат вината исклучиво кај менаџментот и политичкото влијание и притисок. Тие сметаат дека лошото финансиско работење и губењето на уредувачката политика класично завземајќи страна и бранејќи ги ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, се причините поради кои весниците, па и МПМ пропадна.

Нивното згаснување го најави новинарот Љубиша Станковиќ, претседател на синдикатот во "Утрински весник".

„После цели 18 години, благодарение на лошото менаџирање на Срѓан Керим, во сабота, ќе згасне „Утрински весник“. Треба да се запамети името на оној кој ќе го погребе весникот“, напиша Станковиќ.

Двајцата главни и одговорни уредници, Соња Маџовска и Горан Петрески, деновиве не се појавија во јавноста.

Во последниот - 5.369-ти број на "Утрински", Маџовска објави свој комeнтар во кој вели дека професионалното новинарство во Македонија станало херојски подвиг.

„Последниве години како да заборавивме која е нашата основна задача, па затоа професијата новинар е деградирана, урнисана... Главната дилема се наметнува дали е исплатливо да се биде професионален, објективен, да не навиваш за никого, а секого да можеш да критикуваш“, пишува Маџовска.

Во "Вест" пак, во последниот број е објавен кус коментар зад кој е потпишан Уредничкиот колегиум.

„В рака го држите последното печатено издание. Жално. И кога не ви е сеедно Вам, можете да замислите како им е на новинарите кои 17 години посветено го составуваа секој нов број... Ви благодариме што сочувствувате со нас".

Менаџментот молчи. Директорот Керим веќе со месеци ја избегнува јавноста. Тој не одговори на прашањата кои Гласот на Америка на македонски ги достави кај неговата лична секретарка. Истото се случи и со поранешниот директор и иден сопственик Александар Динев, кој со денови не одговара на телефонските повици и пораки.

Она што е познато е дека планот на менаџментот на МПМ е „Утрински весник“ и „Вест“ да станат портали со по неколку вработени, а „Дневник“ ќе продолжи да излегува и непречено да работи. Тоа значи дека најмалку стотина новинари и медиумски работници ќе ги загубат своите работни места.

Новинарите штрајкуваа со месеци бидејќи фирмата им должи плати и хонорари, но тоа не го побуди интересот на надлежните институции. Зад нив само застанаа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и новинарскиот синдикат (ССНМ). Штрајкот беше на работ да го блокира издавањето на трите весници, но менаџментот во последен момент исплати дел од долгот.

На штрајкот му претходеа намалувања на плати, закани, уцени отпуштања и персонални рокади - смени на уреднички тимови и промена на уредувачката политика во трите весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“. Долгогодишни истакнати новинари и уредници од трите весници беа отпуштени од работа или пак не им беа продолжени договорите, а на нивни места беа донесени нови лица. Тиражот на трите весници бележи огромен пад по смена на уредничките тимови и политики.

Во декември минатата година во МПМ имаше промени во сопствеништвото на куќата со која дотогаш раководеше тројката Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Керим.

„Орка Холдинг“ на Камчев и „Интернет Инвестмент Груп“ на Станисављева, во средината на декември по миниимална цена му го продадоа сопственичкиот удел во МПМ на фирмата на Керим.

Кон крајот на февруари, отворена беше нова фирма, со слично име „Медиа Принт“ ДООЕЛ, чиј сопственик е поранешниот директор на МПМ Александар Динев, која е регистрирана на неговата домашна адреса во населбата Влае во Скопје. Тој објави оглас за вработување на 55 новинари на ограничено работно време од шест месеци со плата од 20 илјади денари.

Голем дел од новинарите кои работеа во овие два весника конкурираа за овие работни места, но само малкумина ќе продолжат со работа. Според информациите на Гласот на Америка, веќе се пријавиле и десетина новинари кои се блиски до ВМРО-ДПМНЕ и кои имаат стабилни работни места во други медиуми. Покрај тоа се шпекулира дека во "Дневник" ќе има смена на уредничкиот тим и ќе биде донесен уреднички „двоец“ од друг медиум.

Вчера во Централниот регистер беше објавено дека сегашниот сопственик на МПМ ќе оди во стечај и дека во Основниот суд Скопје 2 за 10-ти мај е закажано рочиште на кое ќе се одлучува дали фирмата „Графички центар“ ќе оди во стечај. Имотот на фирмата е замрзнат и преминат во рацете на привремен стечаен управник. „Графички центар“ е сопственик на "Медиа Принт Македонија" (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“.

Според Централниот регистер, сопственици на „Графички центар“, се „Телеграф“ со удел од 3,4 милиони евра и „Мирекс“ на Срѓан Керим со удел од 1,7 милиони евра.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG