Линкови за пристапност

Згаснува и „Утрински весник“


Иста судбина се најавува и за „Вест“ кој викендов може да го отпечати последниот број. Раководството на МПМ недостапно.

„Утрински весник“ по 18 години постоење, викендов ќе излезе за последен пат. Ова го најави претседателот на синдикатот на весникот, новинарот Љубиша Станковиќ, преку социјалната мрежа Фејсбук.

„После цели 18 години, благодарение на лошото менаџирање на Срѓан Керим, во сабота, ќе згасне „Утрински весник“. Треба да се запамети името на оној кој ќе го погребе весникот“, напиша Станковиќ.

Главниот уредник Соња Маџовска, немаше коментар.

„Немам информација, и затоа немам што да изјавам. Се надевам дека до крајот на работното време или најдоцна утре ќе не` информираат што се случува и дали ќе продолжиме да излегуваме“, рече Маџовска.

Според информациите на Гласот на Америка, многу веројатно е дека викендов ќе биде отпечатен и последниот број на „Вест“. Како и со „Утрински“, главниот и одговорен уредник не знае што точно се случува и ќе се случува.„Нити можам да потврдам, нити можам да ги отфрлам информациите. Не знам кои се натамошните чекори на менаџментот. Искрено се надвеам дека Вест ќе продолжи непречено да излегува“, изјави Горан Петрески.

Од менаџментот повторно молк за состојбата во МПМ, како и за најавите за згаснување на „Утрински весник“.

Директорот и сопственик на МПМ, Срѓан Керим, не доаѓа на работа и не одговара на телефонските повици.

„Прашањето дали ќе згасне `Утриински весник` ќе му биде проследено. Дали и кога ќе добиете одговор не знам. Не сум во можност да ви соопштам дали е во државата или на службен пат. Никој друг не е овластен да дава изјави“, ни одговори неговата секретарка.

Според новинарите во весникот, за утре се очекува состанок со менаџментот на кој и официјално ќе биде соопштена одлуката за згаснување.

Љубиша Станковиќ
Љубиша Станковиќ

„Најавено е дека утре ќе имаме состанок со менаџментот, но дека ќе се појави поранешниот директор Динев, а не Керим. Во кое својство тој ќе присуствува, не ми е јасно. Тој сега нема ништо ниту со нас, ниту со фирмата сопственик на МПМ“, објаснува Станковиќ.

За утре е најавено и дека ќе биде тргнат и мебелот и инвентарот од сегашните простории на редакцијата кои се наоѓаат во трговскиот центар „Зебра“, сопственост на поранешниот градоначалник на општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ.

Неофицијалните информации се дека планот на менаџментот на МПМ е „Утрински весник“ и „Вест“ да станат портали со по неколку вработени, а „Дневник“ ќе продолжи да излегува и непречено да работи. Тоа значи дека најмалку педесетина новинари и медиумски работници ќе ги загубат своите работни места.

Што точно се случува во МПМ и како дојде до пропаѓање на оваа фирма која до пред само неколку години беше лидер на пазарот, никој не може да објасни. Поранешните и сегашните сопственици упорно ги избегнуваат и игнорираат прашањата на јавноста и медиумите.

Во моментов новинарите во најголемата македонска издавачка куќа штрајкуваат поради неисплатени плати. Штрајкот трае веќе неколку месеци и беше на работ да го блокира издавањето на трите весници, но менаџментот во последен момент исплати дел од долгот.

На штрајкот му претходеа намалувања на плати, отпуштања и персонални рокади - смени на уреднички тимови и промена на уредувачката политика во трите весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“. Долгогодишни истакнати новинари и уредници од трите весници беа отпуштени од работа или пак не им беа продолжени договорите, а на нивни места беа донесени нови лица. Тиражот на трите весници има вртоглав пад по смена на уредничките тимови и политики.

Инаку, непосредно пред почетокот на штрајкот во МПМ имаше промени во сопствеништвото на куќата со која дотогаш раководеше тројката Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Керим.

„Орка Холдинг“ на Камчев и „Интернет Инвестмент Груп“ на Станисављева, во средината на декември минатата година по миниимална цена му го продадоа сопственичкиот удел во МПМ на фирмата на Керим.

Кон крајот на февруари, отворена беше нова фирма, со слично име „Медиа Принт“ ДООЕЛ, чиј сопственик е поранешниот директор на МПМ Александар Динев, која е регистрирана на неговата домашна адреса во населбата Влае во Скопје. Тој објави оглас за вработување на 55 новинари на ограничено работно време од шест месеци со плата од 20 илјади денари.

Синдикатот на новинарите (ССНМ) и Здружението на новинари веднаш реагираа на отварањето на оваа сестринска фирма тврдејќи дека станува чистка на „неподобни“ новинари.

„Намерата на сопствениците и менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите. Тоа не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите. Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните“, сметаат од Синдикатот и ЗНМ.

Порталот „Призма“ објави дека сегашниот сопственик на МПМ ќе оди во стечај и дека во Основниот суд Скопје 2 за 10-ти мај е закажано рочиште на кое ќе се одлучува дали фирмата „Графички центар“ ќе оди во стечај. Имотот на фирмата е замрзнат и преминат во рацете на привремен стечаен управник. „Графички центар“ е сопственик на Медиа Принт Македонија (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“.

Според Централниот регистер, сопственици на „Графички центар“, се „Телеграф“ со удел од 3,4 милиони евра и „Мирекс“ на Срѓан Керим со удел од 1,7 милиони евра.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG