Линкови за пристапност

Чистка на новинари?


MPM
MPM

Сестринска фирма на МПМ објави оглас; Здружението на новинарите смета дека e со цел намерно да ги згасне весниците

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска излезе во јавноста со својот став и ја соопшти загриженоста од можноста најголемата издавачка куќа во државата - Медина Принт Македонија (МПМ), која има околу 200 вработени, да отиде во стечај.

Ова се случува по објавениот оглас во средата, во кој се бара вработување на 55 новинари на определено работно време од шест месеци, и плата од 20.000 денари. Зад огласот стои фирмата „Медија Принт“ ДООЕЛ чиј сопственик е Александар Динев, досегашен директор на МПМ. Сестринската фирма е регистрирана на 27-ми февруари, два дена откако тој даде отказ на директорското место, а се води на неговата домашна адреса во населбата Влае.

„Намерата на сопствениците и менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите. Тоа не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите. Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните“, сметаат од ЗНМ.

Александар Динев и вчера и денес не беше достапен на мобилниот телефон за да објасни за што точно станува збор.

Според информациите од Централниот регистер, во моментов сопственици на МПМ се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“, фирми чиј сопственик е Срѓан Керим. Тој, исто како и Динев, не соопшти дали МПМ ќе оди во стечај, а дел од новинарите преземени од сестринската фирма.

Новинарите од МПМ кој ги издава весниците Дневник, Утрински весник, Вест, неделникот Теа Модерна и порталот Телеграф, вчера повторно излегоа на протест барајќи да знаат што точно се случува во нивната фирма.

Одговор не добија. Динев бил на службен пат а Керим на состанок.

„За огласот дознавме од уредниците. Тие добија имејл во кој им беше сугерирано да се пријават на огласот за вработување и да ни ја соопштат оваа информација“, вели Љубиша Станковиќ од синдикатот на Утрински весник.

Станковиќ и неговите колеги се убедени дека станува збор за чистка на „неподобни“ новинари бидејќи во моментов во МПМ работат над 100 новинари.

„Се бараат 55 новинари, а таа бројка не е доволна за да продолжат да излегуваат весниците. Немаме информација дали ќе продолжат како електронски медиуми или дали некој медиум ќе згаснува. Има само информација дека треба да се пријават на новата фирма“, изјави Ана Антевска од Вест.

Новинарскиот синдикат (ССНМ) смета дека МПМ нема чесни намери кон вработените.

„Шпекулациите за стечај проследени со конкурси за вработување во фирма со слично име во сопственост на еден од директорите на МПМ се последниот чин од драматичното стрмоглавување на оваа медимска куќа која уште еднаш потврди дека нема чесни намери кон своите вработени. Условите за вработување се на определено време со што новите работници ќе бидат лесно уценувани со губење на работата доколку на каков и да е начин бидат оценети како неподобни“, стои во соопштението на ССНМ.

Оттаму ги повикаа надлежните државни институции да се позанимаваат со овој случај и им порачаа на вработените да не потпишуваат никакви договори.

„Драстичното намалување на тиражите на весниците и на приходите од огласи, е поради погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владеачката партија, ВМРО-ДПМНЕ. Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина“, додаваат од ЗНМ.

Ако ова не е доволно, вработените во МПМ се` уште ја немаат добиено февруарската плата. Тие со месеци штрајкуваа барајќи да им се исплатат задоцнетите лични доходи. Наместо плата добиваа ветувања од менаџментот кој ниту еднаш не се сретна со нив.

На штрајкот му претходеа намалувања на плати, отпуштања и персонални рокади - смени на уреднички тимови и промена на уредувачката политика во трите весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“. Долгогодишни истакнати новинари и уредници од трите весници беа отпуштени од работа или пак не им беа продолжени договорите, а на нивни места беа донесени нови лица. Тиражот на трите весници има вртоглав пад по смена на уредничките тимови и политики.

Инаку, непосредено пред почетокот на штрајкот во МПМ имаше промени во сопствеништвото на куќата со која дотогаш раководеше тројката Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Керим. „Орка Холдинг“ на Камчев и „Интернет Инвестмент Груп“ на Станисављева, во средината на декември минатата година по миниимална цена му го продадоа сопственичкиот удел во МПМ на фирмата на Керим.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG