Линкови за пристапност

Меѓународни реакции по американската акција во Сирија


Неколку сојузници на САД целосно ја поддржуваат интервенцијата, додека рускиот претседател Владимир Путин потегот го нарече „агресија против една суверена нација“

Сириската опсерваторија за човекови права, соопшти дека при американскиот ракетен напад врз воздухопловна база во Сирија, загинале најмалку четворица сириски војници, додека сириските власти изјавија дека животот го загубиле шест лица, а неколкумина се повредени. Според нив биле оштетени десетина хангари, складиште на гориво и база за противоздушна одбрана.



Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин, кој инаку е верен сојузник на сирискиот лидер Башар Ал-Асад, не верува дека Сирија поседува хемиско оружје.

Кремљ во најновото соопштение поврзано за акцијата на САД вели дека е направена „голема штета“ на и онака веќе „тажната“ врска меѓу САД и Русија.

Руското Министерство за надворешни работи најави дека ќе свика итен состанок на Советот за безбедност на ОН, и дека го прекинува договорот со САД за безбедност на сирискиот воздушен простор.

Иран „остро ги осуди“ нападите на САД, велејќи дека „унилатералната акција е опасна, деструктивна и ги крши принципите на меѓународното право".

Сепак, Нуман Куртулмус, вице-премиерот на Турција, нападот го опиша како „позитивен“ и дека „варварството“ на режимот во Сирија мора веднаш да прекине. „Веруваме дека режимот на Асад мора да биде казнет целосно на меѓународната арена“.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, повика на итно отстранување на Асад и формирање на преодна влада.

Портпаролот на британската влада, изјави дека „Велика Британија целосно ја поддржува акцијата на САД, за која веруваме дека е соодветен одговор на варварскиот напад со хемиско оружје лансиран од страна на сирискиот режим и целта е одвраќање на такви напади и во иднина“.

Францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел во заедничко соопштение рекоа дека Асад со ова треба да ја понесе „одговорноста“ за воздушниот напад, како одговор на нападот со хемиско оружје.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Оролт, употребата на хемиско оружје ја нарече запрепастувачка и порача да се казни бидејќи претставува воено злосторство“.

Саудиска Арабија издаде соопштение во кое вели дека потегот на Трамп бил „храбра одлука“. Саудиското Министерство за надворешни работи изјави дека акцијата на САД била вистинскиот одговор за „злосторствата на овој режим врз својот народ во поглед на неуспехот на меѓународната заедница да го спречи тоа.“

Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху изјави дека „оваа порака на решителност во лицето на режимот на Асад ќе одекне не само во Дамаск, туку и во Техеран, Пјонгјанг и на други места“.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе изјави дека неговата влада ја поддржува акцијата на САД, како начин да се „спречи натамошно влошување на ситуацијата“.



Кинеското Министерство за надворешни работи ги повика сите страни да се држат до политичките определби. Претседателот Ши Џингпин ќе ја продолжи својата посета во САД каде треба да се сретне повторно со Трамп во петок, откако двајцата веќе се состанаа во четвртокот во Флорида.

Поддршка за американската акција стигна и од Австралија и Полска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG