Доналд Туск утре ќе допатува во неколкучасовна посета на Скопје во која ќе има куса средба во четири очи со претседателот Ѓорге Иванов. На агендата на претседателот на Европскиот совет се само разговорите со Иванов. Не е планирана средба со лидерите на политичките партии.
Како што информираат од кабинетот на македонскиот претседател, Иванов и Туск ќе имаат 30 минутна тет а тет средба, а потоа уште половина час за жешките теми ќе се дискутира помегу двете делегации. По работниот ручек во вилата „Водно“, Туск продолжува за Софија.
Засега нема најави каква порака ќе донесе Туск од Брисел и дали ќе го засили притисокот врз Иванов да го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, за да се стави крај на политичката криза во која се наоѓа Македонија, или пак фокусот на средбата ќе биде исклучиво мигрантското прашање.
Партиите денеска се воздржаа од коментари околу посетата на претседателот на Европскиот совет и нивите очекувања.
Туск доаѓа во регионот откако турскиот претседател Ердоган се закани дека нема да продолжи да се придржува до договорот со ЕУ кој се однесува на стотиците илјади бегалци кои во моментот се ноаѓаат во Турција.
Инаку ова е трет пат во последните две години Туск да пристигне во официјална посета на Македонија. Последната средба со Иванов се одржа во март минатата година, а на неа се дискутираше за постигнување заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза.
Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ најави масовен протест во пресрет на средбата Иванов - Туск.
Facebook Forum